Достапни линкови

Неизвесноста ги тера луѓето да се воздржуваат од купување, резултат намален промет за фирмите


Невлегувањето во НАТО и најавените предвремени избори, кај некои бизнисмени овие случувања се одразуваат негативно а кај други пак немаат никакво влијание врз нивната работа. Насуф Саити сопственик на една фирма посочува дека во однос на минатиот месец работата им се намалила за 30 проценти.

„Откако почнаа политичките турбуленции во Македонија, кај нас скоро 30 насто нема работа. Мируваме, седиме така. Можеби во февруари имаше повеќе активности отколку во март.“

Бизнисменот Драган Михајловски пак вели дека турбуленциите кои и се случуваат во моментот на државава нема да се одразат негативно врз работата.

„Си врви карванот. Значи, ниту во избори, ниту по избори специјално не се работи. Јас сум 25 години приватник. Ништо не чувствувам ниту пред избори, ниту по избори. Во секој случај, пак ќе се снајдеме, дека не е пријатно, не е, ама дека не е крај на светот, апсолутно не е.“

Немањето на покана за влез во НАТО и најавените предвремени избори негативно се одразува врз македонската економијата, посочува економистот Михаил Петковски.

„Влегувањето во НАТО ќе беше стимуланс за економијата, а спротивното во секој случај нема да биде позитивен знак. Почнувајќи од овие избори треба да се прекине со практиката администрацијата ништо да не работи за време на изборите. За тоа нема прични. Прво, администрацијата и натаму продолжува да прима плата, а второ не е директно вклучена во изборите,“

вели Петковски и додава дека во вакви неизвесни ситуации граѓаните стравуваат од трошење на пари и токму поради тоа кај некои фирми прометот е намален.

„Кога е таква ситуацијата, неизвесна, луѓето се воздржуваат од трошење. Тоа е природна реакција. И двата настани ја зголемуваат неизвесноста. Тука е моментот кога ние како држава треба да покажеме дека може да функционираме во различни околности.“
XS
SM
MD
LG