Достапни линкови

Засилен притисок за продолжување на преговорите за името и брзо решение на спорот


Американскиот амбасадор во НАТО Викторија Нуланд пристигна во Скопје. Според најавите, на нејзините средби со шефот на државата Бранко Црвенковски и премиерот Никола Груевски ќе се дискутира за новонастанатата ситуација по самитот на НАТО во Букурешт како и за процесот за надминување на разликите за името меѓу Скопје и Атина.

Посетата на Нуланд според дипломатски извори се толкува како засилен притисок од страна на Соединетите држави да се продолжат преговорите за името и да се дојде до брзо решение на спорот, но и како проверка на состојбата и расположението во земјата откако Македонија не доби покана за членство во Алијансата на минатонеделниот самит во Букурешт.

Интензивирањето на американските напори да се дојде до што побрзо решение во спорот со името се и во момент кога македонската страна се уште нема јасен став како понатаму, дали ќе ги продолжи или пак прекине преговорите со Грција. Неизвесноста е поголема и откако Демократската Унија за интеграција поднесе иницијатива за распуштање на парламентот, што пак според упатените, доколку ја добие поддршката од владејачкото мнозинство ќе значи предвремени избори.
За дел од екпертите, ваквата иницијатива е конструктивна и не би требало да го загрози одвивањето на преговорите за името.

„Таа не подразбира во себе некакви сценарија, и во таа смисла таа е добра за политичките партии да се преиспитаат. Во ниту еден случај тоа не треба да ги допира нашите разговори со Грција и разврската со нашето зачленување во НАТО,“

изјави полтичкиот аналитичар Ѓунер Исмаил.

Според него преговарачкиот процес со Грција треба да продолжи, но со засилен притисок и активност од наша страна.

„Треба во Њујорк да биде постојано инсталиран служебник кој ќе стои пред канцеларијата на Генералниот секретар и во секој момент ќе може да објави дека преговорите се завршени. Второ, пред меѓународните судови треба да стојат екипи на наши адвокати коишто ќе ги најавуваат нашите тужби во врска со однесувањето на Грција. И трето, во преговарачкиот процес ќе треба да се користат максимално добрите услуги коишто ни ги нуди САД.“

Пред посетата на Нуланд во земјава порака за охрабрување на преговорите прати и американскиот помошник државен секретар Даниел Фрид, кој деновиве изјави дека Соединетите држави нема да се откажат и оти го поддржуваат преговарачкиот процес под медијаторство на Метју Нимиц.
XS
SM
MD
LG