Достапни линкови

Сакавме покана за Македонија според предлогот на Нимиц или ФИРОМ, Грција не прифати


Ние сакавме покана за Македонија било таа да беше базирана врз предлогот на Нимиц, било како ФИРОМ. Грција не го прифати тоа. Ова го изјави американскиот помошник државен секретар Даниел Фрид на брифингот во Вашингтон посветен на минатонеделниот самит на НАТО во Букурешт. Како и да е, двете страни, како што додаде, ставиле јасно до знаење дека сакаат решение за прашањето со името.

,,Оваа нивна заложба беше потенцирана за време на нашите разговори со двете страни. Претседателот Џорџ Буш имаше средба со македонските лидери, а државниот секретар Кондолиза Рајс и јас со грчкиот премиер, изјави помошник државниот секретар Даниел Фрид, додавајќи дека двете влади не сакаат да влезат во круг на меѓусебни обвинувања. ,,Мислам дека печатот во Скопје го рефлектира тоа и колку што гледате македонците сакаат да одат напред. Тие очигледно се разочарани, но јас го поздравувам нивниот конструктивен пристап,, рече Фрид, наведувајќи дека бил охрабрен и од тоа што грчката влада изразила подготвеност да се ангажира поинтензивно. ,,Ние нема да се откажеме. Го поддржуваме процесот што го води Нимиц и верувам дека тој е подготвен да се активира. Секако не да се предаде,, изјави помошник државниот секретар Даниел Фрид. Според него, постојат многу можности за обвинувања и парализа на процесот, но токму тоа сега не би требало да се случи. На прашањето зошто Вашингтон притискал во Букурешт за Македонија кога знаел дека Грција ќе стави вето откако Нимиц излегол со последниот предлог за името кој не бил прифатлив за Атина, Фрид изјави: ,,Не би сакал да дискутирам за добрите или лошите страни на тој предлог. Се надевавме на покана за Македонија. Тој наш став останува и не гледам причина да се извинувам за многу активната американска улога. Ние не заземаме страна, туку сакаме решение,,. Фрид и пред самитот на НАТО во Букурешт тоа неколку пати го повторуваше:

„Соединетите држави ќе сторат се што е можно за да помогнат во тој процес.“

Фрид на брифингот во Вашингтон оцени дека Македонија е успешна мултиетничка држава и оти со Охридскиот рамковен договор македонската влада ја избегнала можната граѓанска војна. ,,Од сите пост југословенски држави, Македонија е меѓу најуспешните во избегнувањето на екстремниот национализам. Македонската влада ја гледа својата иднина во Европа и со НАТО и прави се за да го одбегне таквиот вид национализам што донесе многу болка на Балканот,, изјави Фрид. Потенцирајќи дека македонскиот јазик и македонскиот народ постојат, Фрид наведе дека постои историски македонски регион кој е поразличен од Македонија. ,,Сосема е јасно дека дека владата во Македонија нема никави барања. На маса е прашањето за името и ние сме инволвирани и го поддржуваме медиајторот Нимиц тоа да биде решено,, изјави помошник американскиот државен секретар Даниел Фрид на брифингот во Вашингтон посветен на минатонеделниот самит на НАТО во Букурешт.
XS
SM
MD
LG