Достапни линкови

Прво треба да се решат отворените прашања, а потоа да размислува за избори, велат во опозицијата


Во владеачките ВМРО ДПМНЕ и ДПА сеуште без јасен став, по барањето на ДУИ за одржување на предвремени избори што лидерот на партијата Али Ахмети вчера му го соопштил на премиерот Груевски. Во ДПА засега молчат и не се изјаснуваат по ова прашање. Во ВМРО ДПМНЕ пак, и покрај информациите кои ги објавија медиумите дека највисокото раководство на партијата донело одлука за распишување на предвремени парламентарни избори, ни изјавија дека за тоа допрва ќе расправаат највисоките партиски органи. ,,Што поскоро ќе треба да расправаме и да донесеме одлука бидејќи веќе и официјално има иницијатива по ова прашање“ ни изјавија во партијата. За разлика од тактизирањето во ВМРО ДПМНЕ и ДПА, во третиот коалиционен партнер НСДП децидно противење на барањето на ДУИ за избори:

„Апсолутно нема потреба во моментов говорам за избори, туку треба да ги завршиме обврските кои ги презедовме и да останеме на курсот на интеграција на Македонија во ЕУ и НАТО.“

Изјавува Иван Анастасовски од НСДП. Дека моментот не е поволен за распуштање на Собранието сметаат и во опозиционата СДСМ. Имено, на вчерашната седница на централниот одбор партијата донесе заклучок дека е за предмрени избори, но следната година откако ќе се затворат отворените прашања кои треба да резултираат со покана за НАТО и датум за отпочнување преговори со ЕУ. Против избори се и во ЛДП. Тоа би бил самоубиствен потег во овој момент, вели Роза Топузовска Каровска од оваа партија:

„Што ќе биде мотивот на тие предвремени избори. Дали сега партиите ќе почнат да водат битка кој е предавник, кој ќе го даде или нема да го даде името. Значи секој трезвен политичар нема да и посака на Македонија такво нешто како што се предвремените избори.“
Посочува Каровска. Во меѓувреме 15-те пратеници од ДУИ го потпишаа барањето за предвремени избори за доставување во Собранието. Во моментов се работи на обезбедување подршка:

„Така што ние ќе бараме подршка и од другие пратенички групи.“

Истакнува Рафиз Алити од ДУИ. За иницијативната на ДУИ да се најде на дневен ред на Собранието потребни се 41 глас од пратениците, а по расправата за распуштање на Собранието ќе бидат потребни гласовите од 61 пратеник. Пресметките се дека дури и ВМРО ДПМНЕ да ја подржи ДУИ со што повторно ќе недостасуваат потребните 61 глас од пратениците, подршката би се барала меѓу помалите партии.
XS
SM
MD
LG