Достапни линкови

logo-print

Барања за зголемување на платите


Судските службеници од денеска повторно штрајкуваат. Освен за случаите кои не трпат одложување, шалтерите во судовите се затворени за сите други предмети. Еднакви права за сите вработени во судовите, донесување на законот за судската администрација и потпишување на колективни договори, овие се главните барања на синдикатот.

„Главно се платите, затоа што судската администрација години наназад е обесправена од причини што нивните плати воопшто не се зголемени. А, во меѓувреме на судиите оправдано им се зголемија платите и се направи една огромна разлика која ќе продолжи и во наредните години и уште повеќе ќе се јави револт и незадоволство,“

изјави Пеце Груевски од Сојузот на синдикати.

Оттаму предупредуваат оти штрајкот ќе продолжи се додека не бидат исполнети сите нивни барања и се дури за нивните проблеми постоел индиферентен однос на судската и извршната власт.

„Доколку за ден два не пројават интерес и не седнат на преговарачка маса, како некој намерно да сака да направи раздор во судството, да направи проблеми итн.“

Наспроти обвинувањата од синдикатот дека неодамнешната средба во министерството за правда завршила без конкретни резултати, од ресорното министерство велат дека годинава се планира зголемување на платите од 10 насто, а се планира и соодветна примена на одредбите што се однесуваат на исплаѓањето на надомест за храна и превоз во соглсност со законските прописи.
Во врска со предлозите од синдикатот во однос на законот за судска служба од министерството за правда велат дека истите ќе бидат земени предвид, но дури откако законот ќе влезе во втората фаза.
Во меѓувреме пак, мислењата на граѓаните околу оправданоста на штрајкот остануваат поделени.
За некои од нив исполнувањето на правата на судските службеници ќе ја подобри ефикасноста на судството. За други пак, не постои оправдување за континуираното одложување на судските постапки.

„Ако им се задоволат барањата ќе бидат поефикасни.“
„Секој си го бара своето, без разлика дали е на суд или друго место.“
„Тоа е малтретирање за граѓаните.“
„Треба да ги сфатиш нив, но и тие да не сфатат нас.“


И додека од синдикатот велат дека ќе истраат во добивањето на своите права, од министерството за правда апелираат дека секое продолжување на штрајкот не е во интерес на судските службеници, бидејќи како што велат се преземаат конкретни мерки за подобрување на нивната материјална положба.
XS
SM
MD
LG