Достапни линкови

Денко Малески, професор. По 17 години да се најдеме повторно на почеток на еден проблем е ужасно чувство


Професоре на 8 април 93 година, Македонија беше примена во ОН под референцата ФИРОМ. Можете ли да направите паралела меѓу притисоците во тоа време и притисоците што ги претрпевме во изминатиов период за нашето членство во НАТО?

Бидејќи проблемот е ист во голема мерка и паралелите се слични. Она што може да се каже е дека и во првиот случај при приемот во ОН и во вториот случај радоста ни ја загорчува еден сериозен проблем којшто постои со соседната држава. Но, она што и сега и тогаш се покажа како наш недостиг, внатрешен, е немоќта на време да се соочиме со проблемот. Политиката да биде во редовна комуникација со народот. Тоа се случи при приемот во ОН, кога не бевме во состојба да изработиме некаков компромис, на што не поттикнуваа големите сили, така што на крајот, со нивна одлука заради нивните интереси кон Грција, бевме примени под референцата ФИРОМ, со обврска да продолжиме да работиме на проблемот. Сега разбираме дека Сојузите се организации коишто примарно се заинтересирани за своите членки. И мора да ги задоволат нивните барања, без оглед колку некои од членките на Сојузот не се согласуваат со постапките. Па, дури потоа да може да се свртат кон оние кои се аспиранти за влез. И тоа е таа повторно нова ситуација со која се соочуваме и во вториот случај што повторно не ни дава за можност два огромни успеси на македонската држава, првиот членство во ОН, да не заборавиме има многу поголеми нации кои немаат сопствена држава и вториот, членството во НАТО, практично не ни е дозволено да се радуваме на тие огромни успеси заради фактот дека имаме еден сериозен проблем со сосед на којшто ќе мора да му се бара чаре.

Од какво значење е НАТО за Македонија?

Ние како мала држава сме дефицитарни во две работи – безбедност и благосостојба. Безбедбоста ја гледаме во оваа воена организација, којашто ги интегрира скараните балкански државички во еден заеднички одбранбен сојуз и на тој начин решава она што во теоријата на меѓународната политика се нарекува безбедносна дилема, секој да е на штрек што соседот му подготвува во иднина. Дали не ќе го нападне, дали малцинстовото не ќе го искористи за да предизвика внатрешни проблеми итн. Тоа е битната работа за нас, ја решава таа безбедносна дилема. Тоа е една работа, и второ – тоа е таа подготовка за ЕУ. Ако ја погледнеме еволуција на другите држави на Источна Европа кон Унијата гледаме дека првиот чекор е НАТО, се воспоставува безбедносна рамка и вториот чекор е членство во ЕУ. Оттаму тие логични чекори мораат да се следат, а задоцнување во едниот може да предизвика и сосема сигурно ќе предизвика доцнење и во вториот.

Се преценува ли сепак кај нас значењето на НАТО? Во поглед на гаранција за стабилност, за територијален интегритет? Имаше размислувања и кај дел од стручната јавност дека можеби се пренагласува значењето на НАТО?

Не се преценува значењето на НАТО во овој комплено несовршен свет. Се разбира, немате никаква гаранција со тоа дека вие без оглед каква политика ќе водите НАТО е тука да ве извлече. Се бара една дисциплина во една организација којашто нешто дава, но и бара. И што е најважно за Македонија ги неутрализира влијанијата на соседните земји. Оти како помала земја во регионот ние сме изложени на влијанијата на регионалните сили коишто историски знаеме си имаат свои интереси. Надвор од НАТО дозволуваме слободно тие влијанија да делуваат врз нас.

Колку политичкиот фактор во земјава го положи „тестот“ на зрелост во овие клучни, одлучувачки моменти во изминатиов период за државата?

Па, можеби јас не сум најдобриот човек да се обиде да одговори на ова прашање бидејќи јас сум незадоволен со брзината со којашто се движиме. После 17 години, да се најдеме повторно на почеток на еден проблем е ужасно чувство, особено што ние ги имаме целите пред себе. Нашата цел беше дефинирана, а тоа е НАТО и ЕУ. Ние тоа го кажавме 91 година, се разбира, но не е доволно само да сте на вистинскиот пат. Потребно е да се движите, ама не е ниту тоа доволно, потребно е да се движите со задоволувачка брзина. Значи, не сум задоволен со брзината на којашто Македонија се движи од причина што ми се чини дека во основа имаме недостиг на државничко искуство. Прв пат е оваа држава сама да се управува себе си. Мораме сите работи да ги вршиме самите ние. Што ќе рече треба да носиме и тешки одлуки. На два пати се сопнавме на тешки одлуки. Еднаш 2001 година, кога дозволивме тоа да дојде скоро до граѓанска војна, дозволивме исто така да се судираме упорно со еден од најголемите национализми во Европа, а тоа е грчкиот, постојано да удираме во ист ѕид, наместо со големите сили некако да го заобиколиме тој ѕид и да продолжиме и да ги оставиме нив назад, таму кај што сакаат да стојат во историјата. Напротив, влеговме во некои расправи за тоа кој подлабоко ќе копа, кој ќе извлече поголеми докази дека припаѓа тука итн. Сето тоа се безмислени дебати во светлината на процесот на модернизација којшто се случува и вестернизација на Балканот, каде што се знае кој испит се полага. Тоа е испитот на демократијата и испитот на доближување до евро атлантските интеграции, ако по тоа цениме сме спори.

Од овој аспект, како ја оценувате актуелната надворешна политика во изминатиов период?

Нашата најдобра надворешна политика е нашата внатрешна политика. Ако можеме да покажеме надвор дека ние успеваме да бидеме самоодржувачки да постоиме, со мала надворешна помош да тргнеме напред и се одржуваме самите тогаш вашите претставници во дипломатиајта имаат што да изнесат и покажат надвот – вашиот успех.

Уште едно актуелно прашање актуелно во овој период е Косово. Деновиве се чини дека Македонија и Косово разменија високи тонови во поглед на признавањето на Косово од наша страна и демаркацијата на границата. Колку ова може да им наштети на односите?

Ние можеме да имаме различен пристап. Можеме да имаме пристап кој значи градење на взаемна доверба, заеднички да тргнеме во решавање на проблемот, а можеме да го користиме проблемот заради повторно создавање на некоја критична ситуација, во којашто практично политичарите покажуваат колку тие се потребни. Мислам дека тука треба внимателно двете страни да седнат и да помислат што треба натаму да се прави. Ако го погледнете моментот, Косово бидејќи е под надзор меѓународен, може да направи една отстапка, затоа што Македонија е изложена на жестоки притисоци, од сите страни, проблемот со името и други ситуации, така што можеби би можело да се тргне во решавање на тој проблем и во тој процес да дојде до признавање за да не биде стартот врзан за балкански инаети коишто знаат долго да траат.
XS
SM
MD
LG