Достапни линкови

Пад на берзата на краток рок и стабилизација на цените на недвижностите, очекуваат аналитичарите


Негативните економски поместувања од недобивањето покана за членство во НАТО за Македонија прво ги почувствува берзата, кадешто вчера беше регистриран пад од дури 8, 5 проценти во просек. Иако овие настани подеднакво ги исплашија и домашните и странските инвеститири на берзата, аналитичарите предвидуваат стабилизирање на состојбата во наредните денови.

„Работите не се така лоши како што изгледаат на прв поглед и ова може да го карактеризирам како кратко пореметување на пазарот што нема да има долг тек на траење, затоа што реално економијата е таква каква што е и таа работа не треба да не обесхрабри,“

изјави берзанскиот аналитичар Горан Марковски

Дека последните вести од Букурешт нема да се одразат на бизнис врските, се надева и Ристе Ристевски сопственик на фабрика за производство на кондиторски производи. Пазарите на кои ги извезувам своите производи остануваат отворени за нас, иако влезот во Алијансата ќе помогнеше за добивање на нови партнери, вели тој.

„И до сега сме биле интересни со производите, а не со тоа дали сме во НАТО или не.“

Во изминатиот период цените на недвижностите достигнаа рекордно високо ниво, а непосредно пред самитот на НАТО, продажбата на становите во Скопје беше стопирана, посочува Елизабета Бошковска, сопственик на агенција за продажба на недвижности. Нејзините очекувања се дека во следниот период ќе има стагнација на порастот на цените на недвижностите.

„Мислам дека цените на недвижности ќе стагнираат. Можеби нема да одат во нагорна линија, но нема ниту драстично да се вратат на ниво од лани.“

Економските експерти посочуваат дека на краток рок не се исклучени негативни поместувања на берзата, но и повторен пораст на инфлацијата, посочува проф. Абдулменаф Беџети од Штуловиот Универзитет.

„Можеби ќе има негативен ефект на краток рок инфлаторната спирала, врз основа на психолошките моменти на потрошувачите, но и на институциите. Не мислам дека многу на долг рок ќе има ефект на странските директни инвестиции. Можеби нашите очекувања беа превисоки. Веројатно цените на недвижностите ќе се стабилизираат и ќе дојдат на претходната состојба.“
XS
SM
MD
LG