Достапни линкови

Се обликува иднината на Алијансата, изјави Шефер пред почетокот на самитот


Впрочем, со грчко вето врз членството на Македонија и со поделбите околу обидот на Украина и Грузија да влезат во НАТО, претпладнето во Букурешт продолжи самитот на Алијансата. Му претходеше синоќешната вечера на која лидерите на дваесет и шесте земји членки, како што беше соопштено, не успеле, и покрај американското инсистирање, да се договорат токму за овие две прашања. Портпаролот на НАТО Џејмс Апатурај на прес конференција по работната вечера изјави дека постои консензус за прием само на Албанија и Хрватска.

„Најсигурно е да се каже дека во моментот постои консезус за две од трите земји да влезат во Алијансата, односно да им бидат упатени покани за почеток на разговорите за прием. Исто така едногласен е ставот дека на Поранешната Југословенска Република Македонија би требало што е можно поскоро да и биде дадена шансата да ги почне таквите разговори“

Изјави портпаролот на НАТО Џејм Апатурај, прецизирајќи дека грчката делегација била на став дека тоа не ќе биде можно се додека не биде решен спорот со името. Според него, грчката делегација јасно ставила до знаење дека би сакала да ја види Македонија како членка на НАТО за што впрочем, како што изјави, Атина прифатила Скопје да стане дел од Акциониот план за членство. Во врска со тоа дали постојат некакви рокови за решавање на спорот Апатурај изјави:

„Не се поставени никакви рокови, ниту пак НАТО би можело да поставува за решавање на спорот со името. Како што реков, НАТО не е главниот актер во овој процес.“

Рече портпаролот Апатурај. Инаку, генералниот секретар на НАТО Јап де Хоп Схефер, најавувајќи ги темите на денешната седница, како проширувањето со нови членки, обидите за присоединување на Украина и на Грузија кон Акцискиот план за членство, и операциите на НАТО во Авганистан и на Косово изјави:

„Ваквата презафатена агенда на самитот покажува колку е важна улогата на НАТО во обезбедувањето на нашата заедничка сигурност. Се собравме овде за да донесеме одлуки што сигурно ќе ја обликуваат иднината на Алијансата,“

изјави генералниот секретар на НАТО Јаап де Хоп Шефер пред шефовите на држави и на влади, додавајќи дека Европа мора да биде обединета и безбедна и оти во Букурешт ќе биде обезбедено семејството на НАТО да продолжи да расте.
XS
SM
MD
LG