Достапни линкови

Нашите позиции сега се многу послаби и се отвoра можност за внатрешна политичка криза


Евентуалната условена покана за членство на Македонија во НАТО, би било најлошата варијанта за Македонија, прогнозираат аналитичарите во очекување на денешната официјална одлука од самитот во Букурешт. Условената покана би предвидувала строго определени рокови во кои би требало да се реши спорот со името. Тоа објаснува професорката Билјана Ванковска од факултетот за мировни студии, ќе значи продолжена агонија за граѓаните во земјава.

„Она што го изминавме во изминатите два месеца, на една тотално нездрава клима на општеството во која државата ни беше на чекање и само се занимававме со името и со НАТО, се плашам дека сега тоа ќе биде ,,дополнително масло на оган“ кога ќе се преточи во парламентарни избори.“

Она што во моментот е најважно е политичката елита да покаже заеднички државнички став, посочува аналитичарот Мерсел Биљали. На прашањето дали Македонија треба да ги продолжи преговорите со Грција, тој посочува дека македонскиот државен врв не треба да си дозволи нерационално однесување.

„Нашите позиции се многу послаби сега, затоа што ние пропуштивме доста време претходно со некакви несоодветни тактизирања, но не сум за тоа да се преземаат некакви дејства под нервоза, мора докрај да се биде рационален затоа што другото ќе се врати како бумеранг.“

Од друга страна пак неиспорачувањето на покана за членство на Македонија, според експертите го отвора стравот од внатрешна политичка пресметка што пак може да предизвика политичка криза во земјава, вели проф. Ванковска.

„Ние не сме лошите момци во НАТО, дефинитивно моето мислење е дека НАТО се посрами, НАТО излезе немоќен пред тврдоглавоста на една своја членка, меѓутоа она што можеме сами себе да си го направиме, а тука сме шампиони кога сами себе си правиме зло, е да почне сега битката околу докажување кој каде погрешил, кој лошо ја водел битката, значи виновникот да си го бараме дома.“

Иако експертите се согласни дека членството на Македонија во НАТО ќе ја зголеми безбедноста во земјава и регионот, сепак додаваат дека членстото нема да ги реши сите проблеми на земјава.
XS
SM
MD
LG