Достапни линкови

Македонија заслужува да му се приклучи на НАТО, но малку е веројатно дека ќе добие „зелено светло“


Грција останува на ставот дека без компромис за името, нема покана за НАТО за Македонија. Американската администрација и натаму инсистира на итен, обострано прифатлив, договор за името. Македонија заслужува да му се приклучи на НАТО, пред се, заради зачувување на стабилноста, но малку е веројатно дека ќе добие зелено светло во Букурешт, пишува денеска весникот Фајненшел Тајмс.

Грција не отстапува од својот став дека нема да дозволи приклучување на Македонија во НАТО се додека не биде постигнато взаемно прифатливо решение за спорот со името. Доколку не се случи некакво изненадување во последен момент, односно, некаков компромис меѓу двете страни, Грција ќе се спротистави на поканата за Македонија, повторија извори од грчкото министерство за андворешни работи. Официјална Атина соопшти дека Грција е подготвена да ги продолжи преговорите за името и по самитот на НАТО и оти нема временски рамки за наоѓање решение за спорот. Грчко – македонските односи деновиве дополнително ги искомпликува билбордот во Скопје, за една изложба, на кој, на грчкото знаме има свастика, што, според Атина, е уште еден доказ за провокација од северниот сосед. И американскиот Стејт Департмент оцени дека таквиот билборд е навредлив и не помага во решавањето на спорот со името меѓу двете земји. Портпаролот Том Кејси изјави:

„Да им ја оставиме историјата на историчарите. Но, секако, ние сме известени за тие навредливи билборди. Не мислиме дека тоа придонесува на некој позитивен начин за решавање на, разбирливо, емоционалното прашање и за Грција и за Македонија. Но, тоа не го менува нашиот став дека двете земји треба да дојдат до обострано прифалив договор за името.“

Меѓутоа, се поизвесно е дека, барем на овој самит, нема да биде постигнат компромис меѓу Македонија и Грција за името. Весникот Фајненшел Тајмс денеска пишува дека од сите земји од централна и источна Европа, што чекаат во редица да му се приклучат на НАТО, една земја и треба и заслужува да се придвижи повеќе од другите – Република Македонија. Но, поради спорот со Грција за името, малку е веројатно дека ќе добие зелено светло на самитот во Букурешт. Малата република, која Грција инсистира да ја нарекува ФИРОМ, е притисната меѓу Бугарија, Косово, Албанија и Грција, и од распаѓањето на Југославија, се бори за зачувување на својот интегритет. Од сите балкански држави, таа е најзагрозена од декларацијата за независност на Косово, наведува веснокот. На Македонија и треба НАТО членството заради нејзината стабилност, таа тоа го заслужува и направи се што требаше, иако не секогаш брзо и ефикасно. Тие не одеа наоколу со глупави закани за соседите, изјавил висок европски дипломат, прнесува веснокот Фајненшел Тајмс.
XS
SM
MD
LG