Достапни линкови

Утре НАТО ќе донесе историска одлука за прием на Хрватска, Албанија и Македонија


Утре НАТО ќе донесе историска одлука за прием на трите Балкански земји, Хрватска, Албанија и Македонија во Алијансата. Ова денеска во Букурешт, пред почетокот на самитот на Алијансата, го изјави американскиот претседател Џорџ Буш, наведувајќи дека Соединетите држави силно ќе ја поддржат поканата за овие три земји да му се придружат на НАТО. Тој и со барање до НАТО да остане отворен и за другите земји кои сакаат да станат членки на Алијансата.

,,Во Букурешт ќе го прошириме кругот на слободата со тоа што ќе го зголемиме НАТО сојузот со нови членки од Балканот,, изјави американскиот претседател Џорџ Буш на денешното обраќање на Трансатлансткиот Форум што се одржа неколку часа пред почетокот на самитот на НАТО во Букурешт. Наведувајќи дека пред една деценија Балканот бил опустошен од војни, фанатизам и етничко чистење, Буш оцени дека денес станува збор за регион на толеранција, слобода и мир.,,Овие промени се резултат на решителни акции на НАТО и на храбриот избор на новите балкански лидери кои работеа да се извлечат од насилството и поделбите од минатото,, изјави Буш, додавајќи:,,Како признавање на нивниот прогрес, утре НАТО ќе донесе историска одлука за прием на трите балкански земји, Хрватска, Албанија и Македонија во Алијансата. Содеинетите Држави силно ќе ја поддржат нивната покана да му се приклучат на НАТО,, изјави Буш, оценувајќи дека овие земји поминале тежок пат на реформи и на изградба на слободни општества.,,Тие се подготвени да придонесуваат во НАТО и нивните граѓани ја заслужуваат безбедноста што ја донесува Алијансата,, реќе американскиот претседател на Трансатлансткиот форум во Букурешт градот домаќин на, како што се оценува, најголем собир на НАТО досега, на кој треба да бидат донесени неколку клучни одлуки, меѓу нив, како да се победи во Авганистан и како да прошират границите на НАТО со Украина и Грузија а без притоа да се нарушат односите на Алијансата со Русија. Осврнувајќи се и на овие прашања Буш изјави:

„Тука во Букурешт мора да разјасниме дека НАТО ги поздравува аспирациите на Грузија и Украина за нивно членство во НАТО и оти им нуди пат како да ја постигнат таа цел. Позицијата на мојата земја е јасна: НАТО би требало да ги прифати овие две земји во Акциониот план за членство.“

На овој потег, освен Русија, му се спротивставуваат и Франција и Германија кои оценуваат дека Украина и Грузија не ги исполнуваат критериумите на НАТО. Во денешниот говор Буш уште еднаш ја изрази решеноста за изградба на ракетен одбранбен систем во Европа и најави дека за овие прашања дополнително ќе разговара со рускиот претседател Владимир Путин.
Американскиот претседател Џорџ Буш ги повика сојузниците од НАТО да испратат дополнителни трупи во Авганистан и мисијата во таа земја да претставува врвен приоритет за членките на Алијансата.

„Авганистан се уште се соочува со многу предизвици. Непријателот е истеран од упориштата, но сега пона да применува терористички тактика. Не смееме да им дозволиме на екстремистите да ги тероризираат граѓаните.“

Изјави Буш, прецизирајќи дека поразот на овој непријател е од врвен приоритет за НАТО.
XS
SM
MD
LG