Достапни линкови

Експертите очекуваат едноцифрена инфлација на годишно ниво


Каква ќе биде проекцијата за стапката на инфлација до крајот на годината, ќе се знае по неколкудневните разговори меѓу владиниот тим и претставниците на Меѓународниот монетарен фонд. Имајќи предвид дека во изминатите неколку месеци инфлацијата ја надмина проектираната стапка од 3 насто и веќе во март надмина 10 проценти, од министерството за финансии најавуваат корекција и нова анализа по разговорите со експертите на ММФ.

„Ќе треба да се земе целокупниот квартал во предвид, да се види колкав е порастот на стапката на инфлација, имајќи предвид дека главните причини се од увозен карактер, цените на храната и цените на енергенските.“

Сосема е извесно дека годината ќе ја завршиме со едноцифрена стапка на инфлација, вели професорот Димитар Ефтимовски од универзитетот Климент Охридски. Постојат мерки со кои државата може да интервенира и да ја контролира висината на инфлаторната стапка, дури и во услови кога продолжува трендот на зголемување на цените, објаснува Ефтимовски

„Сосема извесни ми изгледаат предвидувањата на владата дека инфлацијата нема да надмине шест насто на годишно ниво. Имајќи ги предвид последните интервенции на Централната банка, кои во голема мера ќе доведат до стабилизирање на економските текови кај нас.“

Засега се реални проекциите за едноцифрена стапка на инфлација, се согласува и економскиот аналитичар Јован Пејковски.

„Во консталација на односите коишто сега постојат и трендот на бројките може да се одржува ова ниво на инфлација, нормално ако цените на нафтата растат ќе растат цените.“

Во период кога македонската економија се соочува со одредени поместувања, особено значајно е влијанието на меѓународните финансиски институции, согласни се експертите .

„Нивната улога – стабилизирање на економијата е клучна во овие моменти кога економијата се соочува со шокови коишто предизвикуваат промени во инфлацијата.“
„Има улога на контрола, затоа што ние сме прифатиле да ги усогласуваме нашите финансиски текови, економски текови, монетарната политика, фискалната политика, согласно со воспоставувањето на стабилни односи во мултилатералниот систем на плаќање,“


изјавија Ефтимовски и Пејковски.
XS
SM
MD
LG