Достапни линкови

Нема основа за организирање на референдум без конечен предлог за името, велат експертите


Нема основа за организирање на референдум по прашањето за името, во момент кога немаме конечен, утврден предлог за името, смета домашната експертска јавност. Имено, ниту медијаторот Метју Нимиц не се изјасни дека предлогот кој во моментов циркулира во јавноста, Република Макеоднија (Скопје) е конечен, а дополнително тој е отфрлен и од страна на Грција:

„Ова е само еднострано прифаќање на предлогот на Нимиц од наша страна, а ќе биде прифатено, бидејќи е прашање на спогодба нели, тогаш кога за тоа ќе се согласи и другата страна. Прво поставувањето на референдум е двосмислено. Што ќе поставите на референдум: Дали сте Република Македониај да влезе во НАТО со видоизменото име? Во тој случај ќе пропадне референдумот, никој нема да гласа за тоа, и таквото поставување на прашање на референдум е навистина замка.“

Објаснува професорот од Правниот факултет Саво Климовски. Одржувањето на референдум на што инсистира владеачката ВМРО ДПМНЕ, за професор Климовски претставува бегање од одговорност по клучни прашања од страна на власта:

„Да не го кажуваме тоа што сите го мислеме, тие сакаат да го ублажат тој став. Но, што е смислата на тој изговор. Прво дали имаат алтернатива на тоа, јас мислам дека не нудат алтернатива. Второ, дали се свесни за последиците што можат да настанат, ниту за тоа не објаснуваат.“

Вели професор Климовски. На став дека нема потреба од рферендумско изјаснување на граѓаните и професорот по меѓународно право Димитар Мирчев кој исто така додава:

„Јас мислам дека нема потреба од референдум. Доволно е Собранието да се извести, значи не и да гласа Собранието, туку да се извести дека има таков предлог и дека државниот врв да се овласти да преговара во таа смисла, друго нешто во овој момент не треба.“

истакнува професор Мирчев. Во владеачката ВМРО ДПМНЕ изјавуваат дека за клучно прашање како името на државата нема легитимитет да се изјаснува ниту еден политичар освен граѓаните. За партијата како што ни изјавија оттаму, токму инсистирањето за ова да се прашаат граѓаните е одговорно водење на политика. Инаку во меѓувреме медиумите во Грција пишуваат за можен нов предлог за името на медијаторот Нимиц, па дури се јавува и за негова нова посета на двете земји.
XS
SM
MD
LG