Достапни линкови

Тодор Чепреганов, директор на Институтот за национална историја. Грција не може да наметнува име за внатрешна употреба


Господине Чепреганов, историски гледано, каква е улогата на големите сили во решавањето на македонското прашање?

Историски гледано нивната улога во однос на македонското национално прашање можеме да видиме од она што ни се случува денеска каква била и низ историјата. Може да се каже дека големите сили во текот на историјата, од Виенскиот конгрес играат голема улога во дефинирањето на односите на Балканот и во Европа. Како резултат на таквата улога на големите сили сигурно дека во центарот на вниманието било и македонското национално прашање во текот кога Македонија се наоѓала во рамки на Отоманската империја и после тоа. Познати се ставовите на поголем дел на големите сили во однос на Македонија. Она што е особено карактеристично е тоа што поради тие игри на големите сили коишто пренесени на балканските држави, по нивното формирање во однос на Македонија се многу јасни. Големите сили во историската документација секогаш зборуваат за Македонија, ја признаваат македонската национална индивидуалност. За нив не постои никаква дилема дали постои македонски јазик, народ, нација. Значи, големите сили, без разлика дали е САД, Британија, Германија, Франција, Австрија, во историската документација не можете да најдете друг термин по којшто се именува Македонија освен со своето име Македонија, македонски народ, нација, јазик и култура.

Дали чекорите што ги презема меѓународната заедница се во корист или на штета на Македонија?

Мислам дека има афоризам којшто вели дека ако убиете една личност е криминал, но ако убиете нација е политичко прашање. Доаѓаме до тоа прашање, дали убиството на нацијата е политичко прашање. Дали зад притисокот за промена на името не се крие некоја друга позадина? Затоа што и во Грција постои голема дебата дали во однос на името Македонија. Името според мене не е проблем, Тоа прашање го имаат самите Грци. Затоа што во една книга за името Македонија, во воведот, а го има напишано Мицотакис, тој вели, темата на Скопје ја видов од првиот момент во своите вистински димензии. Тоа што ме вонемирува од самиот почеток не беше името на оваа држава, значи за него името на државата не е проблем. Проблемот за мене беше да не се создаде втор малцински проблем во Западна Македонија. Значи проблемот не е името и за самите Грци. Проблемот лежи во сосема друга работа, македонскиот идентитет во делот на Македонија којшто е во рамките на Грција. Значи, со самото тоа сме ставени во ситуација, за којашто јас не сакам воопшто да разговрам, дали ќе го ставам под прашалник мојот идентитет или моето име коешто сме го избрале со Устав. Затоа што името Македонија има историски континуитет од антиката до денес.

Која според вас е најдобрата формула за зачувување на македонскиот идентитет?

Јас не можам да дискутирам за тоа. Ако ние самите го проблематизираме сопствениот идентитет значи нешто не е во ред со нас. Јас не би сакал да го проблематизирам сопствениот идентитет и да излезам да разговарам како би било да им угодам на Грците. Нема тука што да се разговара. Може да има двојна формула. Грците може да не нарекуваат како што сакаат, и што сакаат, во тој поглед, но не може тие да ни наредат да направиме промени во Уставот за да го дефинираме на друг начин идентитетот. За мене е несфатливо да влегувам во таква дискусија за промена на името. Да земеме хипотетички. НАТО е воена алијанса, во светот е познато воените алијанси како завршувале. Има одредена цел, завршува работата за која е формирана и после тоа се распаѓа. Што ќе се случи ако некој се реши да го промени името. Што ќе се случи ако се распадне НАТО? После ќе бараме повторно да го вратиме сопственото име? За кеифот на една држава, галениче на Европа од памти век? Мислам дека овде доаѓаме до една ситуација којашто пред се историски не е оправдана, политички можеби. Но, политичките одлуки се политички и тие може да делуваат врз историјата. Историски гледано никој нема право природното право како да се викате да настојува да го промените.

Кои се придобивките за Македонија од членство во меѓународни организации како НАТО, ЕУ и други?

Сигурно дека со влегувањето во ЕУ. Инаку, зборуваме дека со влегување во НАТО ќе се демократизираме, државата ќе добие. Воена алијанса ви носи демократија!? Јас прв пат слушам дека некоја воена алијанса може да ви донесе мир. Со оружје да градите мир!? ЕУ е нешто сосема друго. Но, тука е прашањето дали вие треба да исполните одредени критериуми. Како што ми е познато ние ги исполнивме критериумите за НАТО. На пат сме да ги исполниме критериумите за ЕУ, и сега и покрај исполнувањето на критериумите, самите политичари ни кажуваат дека никој нема право да ви наметнува какво име ќе имате. Тоа е ваш избор. А, сега нас една држава настојува да ни го промени името. Во ЕУ е нешто друго, таа дава поголема перспектива, слобода на излегување, нема визи, ние сме сега затворени не може да излеземе никаде. Пристап до меѓународни фондови за инвестиции, поголема сигурност. Значи, има работи кои со ЕУ се дефинираат. Мене ме плаши проблемот од НАТО да не се префрли во ЕУ, па и таму да почнат уцените. Дали ќе знаеме дека ова ќе биде последна уцена на Грците?
XS
SM
MD
LG