Достапни линкови

Компромис е можен на денот на самитот и тоа под дипломатски притисок


Очигледно дека преговорите меѓу Македонија и Грција по прашањето за името ќе се одвива до последниот момент односно до самиот самит на НАТО, сметаат експертите. Додека во земјава се оценува како про-македонски последниот предлог на медијаторот Метју Нимиц кој како што се јавува предвидува задржување на уставното име за внатрешна употреба, а Republik of Maceodonia (Skopje) за меѓународна употреба, Грција се изјасни дека овој предлог е далеку од целите кои што ги посакувала земјата. Има ли простор двете страни да направат отстапки и некаков компромис за изнаоѓање решение по однос на прашањето за името? Професор Биљана Ванковска со објаснување за целите кои што секоја страна сака да ги постигне кога се одвиваат преговори:

„Значи ако тргнеме од логиката на преговарањето како процес, секогаш е логично едната страна да бара премногу, односно да поставува некои високи криретируми, за подоцна да има некој маневарски простор да се спушти и да дојде до компромисот.“

Поради ова Ванковска додава дека малку верува во можен компромис како добра воља на двете страни до самитот на НАТО. Веројатно тоа ќе биде под меѓународен притисок, додава таа.

„Oчигледно е дека битката околу предлогот на името на Република Македонија прифатливо и за Грција и за НАТО ќе се одвива до последните моменти и веќе најавија дека и на маргините на самиот самит ќе постојат и дипломатски притисоци, меѓутоа и дипломатски обиди.“

И аналитичарот Мерсељ Биљали смета дека поизвесно е решение и отстапки од двете страни на денот на самитот на НАТО, но тој сепак додава дека македонската страна треба да направи чекор во насока на прифаќање, посебно на последниот предлог, што би ги ни подобрило позициите до Букурешт:

„Тешко ќе и биде на Грција дека ќе може да ја образложи логиката на вето при позиција дека Македонија го прифаќа последниот предлог.“

Вели Биљали. Во оваа насока професор Ванковска додава дека не смееше да се дозволи поврзување на поканата за НАТО со прашањето за името кое според неа ќе биде предмет на расправа и по самитот во Букурешт:

„Зашто подоцна кога ќе се вратат политичарите дома ќе имаме тешки реперкусии во годините што доаѓаат.“

Забележува професор Ванковска.
XS
SM
MD
LG