Достапни линкови

logo-print

Најави за нови консултации на државниот врв и партиите од Собранието


Во очекување да се врати македонскиот преговарач Никола Димитров од Њујорк, се најавуваат нови консултации на државниот врв во Скопје. Според дипломатски извори, најверојатно во текот на денешниот ден нема да има одговор за тоа дали за мекедонската страна е прифатлив најновиот предлог на медијаторот Метју Нимиц, односно Република Македонија во заграда Скопје со превод на англиски јазик. Следува период на интензивни консултации, а потенцијални шанси за доближување до компромис се очекуваат на следната последна средба во Словенија. Вчера шефицата на грчката дипломатија, Дора Бакојани јавно соопшти дека дека најновиот предлог на Нимиц е далеку од заемно прифатливо решение и оти Атина не може да даде согласност за обновување на сојузничките односи со Скопје, односно земјата да добие покана за членство во НАТО, ако не биде најдено заемно прифатливо решение за името.

Од македонската влада пак соопштуваат дека уште во текот на вчерашниот ден премиерот Никола Груевски го доставил предложенотот решение од Нимиц до лидерите на релевантните партии во македонското собрание.

„Во текот на вчерашниот ден започна процесот на проценка и анализа на предложеното решение. А, овој процес на проценка и анализа ќе продолжи и во следните неколку дена,“

изјави владиниот портпарол Ивица Боцевски

Во меѓувреме реакции и од партиите. Според Владо Бучковски од СДСМ, еве кои би биле ризиците доколку Македонија не го прифати последниот предлог на Нимиц.

„Ризикот е да не ја добиеме поканата за членство во НАТО. А, во овој момент Македонија нема друга алтернатива, треба да ги искористи сите можности, да се погледне последниот предлог, со разум и конструктивност да се заврши оваа фаза од разговорите со успех.“

Од владејачката ВМРО-ДПМНЕ не сакаат да коментираат ништо пред да пристигне преговарачот Никола Димитров во Скопје и пред темелно да бидат разгледани сите подробности од предложеното решение.

Демократската унија за интеграција се уште нема став за можните сценарија доколку не се дојде до компромиц, но очигледно е дека ситуацијата се комплицира, вели Азис Положани од оваа партија.

„Несериозниот пристап или емотивниот пристап во моментов најмалку е потребен за Македонија. Очекуваме конструктивност, рационалност во однесувањето.“

Дипломатите велат дека најголемиот ризик од отфрлањето на последниот предлог на Нимиц ќе значи блокада од грчка страна за прием на земјава не само во НАТО туку и во Европската Унија, сценарио кое според нив би можело да потрае многу подолго.
XS
SM
MD
LG