Достапни линкови

Само раст на БДП на подолг временски период може да доведе до економски развој, велат експертите


Минатогодишниот пораст на Бруто домашниот производ од 5,1 процент иако покажува позитивен тренд на подобрување на економската состојба, како што посочува Владата, за бизнисмените пак не е гаранција за брз економски развој:

„Ако ги компарираме светските поместувања кои се јавуваат на пазарот на нафтата и трусните подрачја во доларскиот регион, каде што доларот ги доживува најкритичните моменти, не е доволна гаранција за една стабилна економија, но тоа е една светла точка во тунелот во кој бевме изминатите години.“

изјави бизнисменот Зоре Темелковски. За Владината најава дека Бруто производот оваа година ќе достигне до 6 проценти, Темелковски вели дека е реално да се оствари тој процент:

„Тоа се чувствува кај производителите кои што се фундаментот, не се чувствува во трговскиот дел. Фундаментот на државата, како што се Железара, Силмак, кои што се една од стабилните извозно ориентирани компании покажуваат дека е реален тој процент кој што го објави Ставревски.“

Според експертите порастот на Бруто домашниот производ од 5,1 отсто може да предизвика позитивни ефекти во економијата, но само доколку овој раст е одржлив на подолг временски рок. Имено, професорот на Штуловиот Универзитет Абдулменаф Беџети вели дека владината проекција за шест процентен економски раст е ново ревидирање на макроекономската политика, бидејки како што објаснува тој, Владата планирала раст на Бруто производот до 7 проценти:

„Владата веќе има направено првични анализи и се гледаат околностите дека нема толкав капацитет. Веројатно процентот на инвестиции не е толку активен, очекуваниот раст врз основа на потрошувачка нема да се оствари, проектирано е раст од 40%, а со зголемувањето на каматните стапки кои што се прават заради усогласување на инфлацијата, неможе да се постигне.“


Економистот Маријан Николов пак вели дека иако Владата превзема мерки за достигнување на повисок бруто домашен производ, актуелните политички случувања би го забавиле предвидениот економски раст:

„Одлуките на инвеститорите и економските агенти се во фаза на исчекување, кога се во фаза на исчекување економската активност замира и тогаш останува само перцепцијата за нешто што ќе се случи во иден период. Колку е подолга неизвесноста, толку подолго ќе трае и намалената економска активност.“

вели Николов.
XS
SM
MD
LG