Достапни линкови

logo-print

До преговорите доаѓа во момент на јавно обелоденети различни ставови на претседателот и премиерот


Нова рунда преговори за името меѓу македонскиот и грчкиот преговарач Никола Димитров и Адамантиос Василакис ќе се одржи денеска во Њујорк со посредство на медијаторот Метју Нимиц. Македонскиот преговарач отиде со јасни инструкции за презентирање на ставот на македонската страна, при што пресудно е нечепкањето на националниот идентитет, информираат сосема кусо дипломатски извори. Пред заминувањето за Њујорк и преговарачот Димитров преку писмена изјава соопшти дека на преговорите ќе презентира единствен став, во кој позициите на македонската страна се јасни, а аргументите силни. Но, до денешната нова рунда преговори доаѓа во момент на веќе и јавно обелоденети различни позиции меѓу претседателот Бранко Црвенковски и премиерот Никола Груевски. Преку соопштенија упатени до јавноста, премиерот Груевски го повтори својот став за „референдум на кој граѓаните ќе одлучуваат по прашањето за името“ додека од друга страна претседателот Црвенковски одговори дека ,,некој со образложение дека го брани уставното име на државата се обидува да го одбрани сопствениот рејтинг врз основа на невистини и шпекулации“. Повик до владата да не ја минимизира одговорноста преку референдрум и на еден начин со тоа да се подготвува за предвремени избори упатува и опозицијата:

„Личен рејтинг во секој случај, бидејќи ВМРО ДПМНЕ тоа е јасно, сака да најде спас во предвремени избори.“

Изјавува Јани Макрадули од СДСМ. На слично мислење и во ЛДП и ДУИ:

„Во овој момент е многу клучна трезвеноста од сите страни. Прогласувањето на државни непријатели и лажен патриотизам од друга страна мислам дека не е добро за Република Македонија.“

„Веќе нема дилема дека секој чекор што го презема владата на ВМРО ДПМНЕ особено г-динот Груевски како премиер, е тесно зависен од евентуални избори или поточно кажано со неговиот личен рејтинг.“


Изјавуваат Роза Топузовска Каровска и Ермира Мехмети. На овој став од опозицијата, во ВМРО ДПМНЕ со одговор:

„Ние веруваме дека државниот врв координарно ги води работите и им оставаме простор да ги заштитат националните и државни интереси на Република Македонија.“

Вели Илија Димовски од оваа партија. Инаку денешната средба во Њујорк е продолжение на минатонеделните разговори во Виена на која Нимиц ги сугерираше познатите предлог имиња Нова, Горна и Република Македонија (Скопје), како и на петочната средба во Брисел меѓу министрите за надворешни работи на двете земји Милошоски и Бакојани. Позицијата на Македонија официјално досега, е решението за името да се бара во т.н. двојна формула.
XS
SM
MD
LG