Достапни линкови

Аргумент за владата дека не е потребен референдум за зачленување


Во очекување на поканата за НАТО, влегувањето на Хрватска во Алијансата го поддржуваат, според најновите анкети, шеесет и еден насто од нејзините граѓани. И тоа е аргумент на хрватската влада кога тврди дека покрај таквото расположение на граѓаните не е потребен референдум за зачленување на земјата во НАТО.

Веројатно во хрватската влада се во право дека не треба плебисцит, но само доколку станува збор за евентуалното референдумско прашање: Сакате ли Хрватска да влезе во НАТО?. Меѓутоа, судејќи според ставовите на дел од граѓаните, неизвесен би бил исходот на референдумот за прашањето: Сакате ли НАТО да влезе во Хрватска? Методије Пркачин бил хрватски војник во илјада деветстотини деведесет и првата година во околината на Дубровник и затворен од Југословенската армија. Вели дека тогаш да беше Хрватска во НАТО неговата судбина би била поинаква:

„Гледано на нашата геостратегиска положба, мислам дека тоа е нормално. Во какво опкружување се наоѓаме, објективно речено НАТО е некој вид сигурност.“

За влегување во НАТО се и други граѓани кои токму во Алијансата ја гледаат безбедноста на Хрватска:

„Ми се чини дека Србија е се уште многу далеку од демокртаските процеси и немам впечаток дека се приближува кон Европа. “

„Не би било лошо да влеземе во НАТО. Јас сум за НАТО бидејќи така ќе бидеме посигурни. Но, јас сум против НАТО ако направи база во Плоче или Дубровник, бидејќи така ќе ни го загрози туризмот.“

Велат некои граѓани, кои освен со туризмот, несогласувањето за бази во Хрватска го објаснуваат и од воени причини:

„Јас сум против какви и да било бази во Хрватска, бидејќи Хрватска е премала држава, а оружјата какви што се сега не значат ништо за овие неколку стотици километри.“

Хрватскиот политички врв, судејќи по се, ќе го избегне референдумот за влегување на Хрватска во НАТО, па со тоа и незгодното референдумско потпрашање: Сакате ли НАТО да влезе во Хрватска? Тоа пак дополнително ќе ги направи незадоволни НАТО скептиците како што е и економистот Марина Крниќ од Сплит:

„Априори сум против НАТО. За такво прашање сметам дека е потребно да се спроведе референдум во целата држава, па ќе ми биде полесно ако комплетно целата нација, или барем повеќето, ќе бидат за тоа.“
XS
SM
MD
LG