Достапни линкови

Васил Тупурковски, професор. Ширењето на НАТО на Балканот е геостратегиски интерес на САД


Професоре Тупирковски, што очекувате дека ќе се случи на Самитот на НАТО во Букурешт?

Па, мислам прво очигледно од огромна важност за НАТО, а посебно за САД и за оваа администрација на претседателот Буш кој си оди од функцијата е да се прошири НАТО. Во прашање се гео стратегиски интереси на САД, иако сето ова се однесува на еден микро регион. Ако сите три земји кандидати ги добијат поканите се од еден мал балкански простор. Затоа што САД веќе подолго време сметаат на своето право да се дислоцираат од европскиот континент и за тоа се создадени сите услови со растот на ЕУ, а веќе подолго време се и воено ангажирани на просторите на Блискиот, односно Средниот Исток. Според тоа, НАТО сака да ги прими овие три членки. Сака да ја заврши европеизацијата на НАТО, и со тоа да ги отвори процесите и на европеизација на континентот, во смисла и на интересите на ЕУ. Иако, јас не се сомневам и во општата согласност на НАТО да се изврши ова проширување со три нови членки. Според тоа, на самитот на НАТО очекувам кога не би постоел проблемот на односите меѓу Македонија и Грција, да дојде до таа историска одлука и тоа се разбира е историско прашање и за Република Македонија.

Но, спорот за името со Грција ја прави неизвесноста се поголема?

Мислам дека ќе се извршат се поголеми притисоци врз двете страни, но пред се притисокот е ориентиран кон Република Македонија. Ние сме послабата страна во овој процес, секогаш сме биле и за тоа требаше да биеме свесни до денеска. Ние имавме 15 години да го решиме ова прашање на продуктивен начин за Република Македонија градејќи специјални односи со Грција, тоа сега веќе не е битно за коментар, бидејќи не се случи. И бидејќи не се случи, а правото на вето постои и ќе го респектираат сите во НАТО, се зависи од притисокот на САД и нашата издржливост, иако мое длабоко уверување во прашање е проценка од што зависи иднината на Македонија во многу деликатна балканска ситуација, посебно по признавањето на Косово, ние можеме за себе и за стабилноста на регионот, којашто е клучна за поширока стабилност да го гарантираме нашиот територијален интегритет.

Но која е според вас црвената линија која Македонија не смее да ја премине во процесот на приближување кон НАТО?

Ние мора да ги расчистиме прашањата на националниот идентите и на нашата, да речам, вградена слобода да се чувствуваме така како што се чувствуваме. Значи, македонската нација нема тука никаков избор и црвената линија е во оценката дали дел од овие случувања, притисоците, евентуалната промена на името ќе значат негација или релативизирање на националниот идентите. Тоа е црвената линија. Ние сами за себе мораме да процениме овде, а за тоа се одговорни лидерите на земјата, власта и институцијата Претседател на Република Македонија коишто ја имаат одговорноста пред граѓаните да ги донесат најсоодветните одлуки. Се разбира, за некој проблем што никогаш не се објаснувал што е суштината на името. Суштината на нашето име не е во уставното име, оти уставното име ако е суштина, тогаш тоа значи дека со уставни промени ние можеме секогаш и да го модифицираме како самостојна одлука. Суштината е во историската конотација Македонија, којашто денеска не е под знак прашање, не е под знак прашање дури ниту во преговарачкиот процес, затоа што и Грција е свесна дека компромисот што се бара низ преговорите под покровителство на ОН, не може да биде нивната прва позиција од 1990 кога во Грција се тврдеше дека не смее апсолутно ништо да има во нашето име што конотира Македонија. Грција не е повеќе на тие позиции, очигледно, нашето име е Македонија, ние сме Македонци и тоа име го задржуваме. Уставната компонента иако е многу значајна кога имате спор со некого, а ние имаме спор со сосед членка на ЕУ и НАТО, останува за конечна одлука и проценка, но ние сме имале пет уставни имиња и секогаш суштинската компонента на тие уставни имиња била Македонија – ние и денеска тоа го имаме.

Дали Македонија требаше да биде меѓу првите што ќе ја признае независноста на Косово?

Мислам дека нема потреба за тоа затоашто ние имаме мораме во одредена ситуација и тактички и дипломатски да се однесуваме. А, добро им е познато на сите економски фактори во Македонија, тоа е наша слабост или предност, дека ние бевме вградени во јуословенската економија како компатибилни со српската економија. Ние тоа не може да го промениме ниту сме го промениле. Значи, мора да водиме сметка за нашите суштински интереси, а тоа е квалитетот на животот во Македонија. Јас не би се довел во ситуација, Македонија да претрпи нови санкции, да има нови редуцирања на нашата размена со Србија и на крајот на краиштата тоа не треба да го погодува ниту Косово, ниту меѓународната заедница. Меѓутоа, голем дел на земјите се определуваат за својот политички чин на признавање во некоја друга фаза на развојот на независноста на соседно Косово. Ние секогаш бевме и сме отворени за соработка со Косово. Економските текови не се под знак прашање. Тековите што ги обезбедуваат слободата на движење, граѓаните итн, на двете земји, слободно ги извршуваат тие функции и интереси и тоа е битно за позицијата на Македонија. Згора на тоа, ние не можеме да влеземе во признавање на Косово без да се потврди меѓународната граница, без да се признае тој факт од страна на косовската влада, и без да се демаркира границата. Тоа не е ниту услов, ниту уцена, тоа е наш животен интерес, бидејќи повторно ќе речам отворени се прашањата околу иднината на развојот на косовската независност. Таа постои, Косово ќе биде држава, фактички и сега е држава, веќе признаена од голем број земји, што е многу важно од САД и од најголем дел членки на ЕУ, но ние без тие гаранции не би смееле да влетуваме во политички сценарија, бидејќи нашето избрзано признавање е само политичко сценарио и ништо повеќе.
XS
SM
MD
LG