Достапни линкови

Одлучувачки ќе бидат последните денови пред самитот во Букурешт, оценка на аналитичарите


Во пресрет на новата средба меѓу македонскиот и грчкиот преговарач за името Никола Димитров и Адамантиос Василакис во присуство на медијаторот Метју Нимиц, се очекуваат консултации на државниот врв. Актуелниот став на истиот е дека единствено прифатливо решение за Македонија е двојната формула, а евентуални промени можат да следат во наредните денови. Дипломатите пак проценуваат дека дека е тешко да се дојде до решение на следната средба во Њујорк, и дека одлучувачки ќе бидат последните денови пред самитот во Букурешт. Некакво прифатливо решение за Македонија според нив, би можело да помине и во Собранието, доколку некој од политичките субјекти би поднел иницијатива за декларација што би се усвоила од мнозинството. Во меѓувреме некои експерти велат дека се мали шансите да се реши проблемот до самитот. Досегашните средби не покажуваат сигнали на некакви отстапки од двете засегнати страни, вели професорот Димитар Мирчев.

„Грчката страна сеуште стои на ставот за вето доколку не се реши, има мали шанси да го повлече ветото, ние да влеземе, а спорот да не биде решен. Мислам дека не е добро за неколку дена набрзина да се притиснат двете страни да отстапат од некој став кој утре можеби нема да биде прифатен во јавноста, што може да создаде проблеми.“

Некои од аналитичарите пак имаат оптимистички очекувања од претстојната средба во Њујорк. Се надевам дека историјата ќе ја оставиме зад себе и убеден сум дека поканата во НАТО е извесна, вели професорот Мерсел Билјали:

„Имаме среќа што сепак имаме силен сојузник кој има политичка волја да се изнајде решение Македонија да ја фати динамиката не само за НАТО интеграција, туку и за забрзување на процесот на ЕУ интеграција.“

На вчерашната средба меѓу министрите за надворешни работи на Македонија и Грција, Антонио Милошоски и Дора Бакојани која заврши без потпишување на некаков договор, како што претходно се најавуваше, двете страни изразија надеж дека постои добра волја за да се дојде до решение. Македонија има јасни аргументи, јасни позиции, јасна цел и желба да остане конструктивно вклучена во преговарачкиот процес. Нашата цел е НАТО интеграција, изјави по вчерашната средба министерот Милошоски.
XS
SM
MD
LG