Достапни линкови

Каков и да биде исходот во Букурешт не е добро да се организираат избори, велат експертите


По вчерашната изјава на лидерката на СДСМ Шекеринска дека предвремени избори по самитот на НАТО се едно од решенијата за излез од политичката криза денеска потпреседателот на партијата Јани Макрадули на прашањето дали ретерираат од стариот став против предвремени избори вели:

„Ние можеме уште денеска да ги закажеме предвремените избори за после 2-ри април, но тоа не го решава проблемот што ќе се случи на самитот во Букурешт на 2-ри и 4-ти април. Затоа мислам дека енергијата сите политички партии треба да ја насочиме за самитот во Букурешт, инаку што ќе биде после тоа е нешто сосема друго и мислам дека нема потреба на тоа да се ,,трошиме“.

Со сличен одговор и од владеачката ВМРО ДПМНЕ. Пратеникот Илија Димовски вели дека за таквиот развој на на настаните досега не разговарале партиските тела:

„Концентрацијата е апсолутно насочена кон остварување на државните и националните интереси на Македонија.“

Засега едниствени кои што отворено тврдат дека предвремените избори се најдобро решение по НАТО се од опозинионата ДУИ. Владината криза се претвори во политичка и таквото решение е единствен излез од неа, вели пратеникот Џеват Адеми:

„Затоа што немаме никаква гаранција дека обврските кои што ќе ги преземеме после добивање на покана во која што веруваме, ова незнам дали да го наречам мнозинство нема капацитет, ниту легитимитет да ги спроведе.“

ДПА досега не се изјаснила дали се за предвремени избори, но дел од аналитичарите велат дека последните чекори на Тачи се во насока на подигање на партискиот рејтинг. Каков и исход да има на самитот во Букурешт да се организираат предвремни избори веднаш по него, не е добро, вели Професорот од Штуловиот универзитет Јетон Шасивари:

„Постои дилема околу организирање на предвремени избори пред октомври најрано, бидејќи тоа е период кога се изготвува извештајот од ЕУ. Европскиот фактор се произнесе дека до тој период би било лошо да се организираат предвремени избори.“

Иако е оптимист дека ќе ја добиме поканата за членство во НАТО сепак во друг случај доколку Грција стави вето Шасивари смета дека политичката клима ќе се влоши и ќе се појават услови за дестабилизација:

„Вонредните избори не би биле решение за една таква ситуација, туку формирање на една широка владина коалиција која би се справила со евентуалните проблеми кои би произлегле во случај на недобивање на покана.“

вели Шасивари и додава дека доколку ја добиеме поканата одлуката за вонредни избори ке биде во рацете на владеачките партии особено на ДПА која веднаш по самитот може во парламнетот да побара интрепелација на малцинската влада која во моментов функционира.
XS
SM
MD
LG