Достапни линкови

Денешната средба на Милошоски и Бакојани во Брисел е дел од поддршката на процесот во рамки на ОН


Време е да се најде решение на проблемот, изјави на редовната прес конференција во Вашингтон портпаролот на Стејт Департментот Шон Мекормак во врска со македонско грчкиот спор околу името. Повторувајќи ја американската поддршка на напорите на медијаторот Метју Нимиц, тој ги отфрли претпоставките дека државниот секретар Кондолиза Рајс ќе го преземе водството за организирање средба на високо ниво меѓу Атина и Скопје пред самитот на НАТО во Букурешт.

Денешната средба во Брисел на помошник државниот секретар Даниел Фрид со шефовите на дипломатиите на Македонија и Грција, според портпаролот на Стејт Департментот Шон Мекормак, е дел од продолжувањето на напорите и на поддршката на процесот во рамките на Обединетите нации за изнаоѓање решение за спорот со името.

„Ние се уште ги поддржуваме напорите на амбасадорот Нимиц. Од време на време со секоја страна имаме средби. Државниот секретар одвоено се состана со шефовите на диплоамтиите на двете земји за да ги охрабри да најдат решение за ова прашање.“

Изјави Мекормак кој на прашањето дали државниот секретар ќе преземе водечка улога во организирање средба на виско ниво меѓу Скопје и Атина, пред самитот во Букурешт рече:

„Не, не би било неопходно да правам таква претпоставка.“

Портпаролот на Стејт департментот Шон Мекормак не сакаше да шпекулира и во врска со тоа дали Стејт департментот е загрижен дека Грција, доколку спорот со името Македонија не биде решено на нејзино задоволство, нема да дозволи проширување на НАТО со трите земји од Јадранската група:

„НАТО е консензус организација. Грците ја изразија нивната загриженост околу ова прашање. Ние секако би сакале да видиме тоа да биде решено.“

Според Мекормак, иако станува збор за тешко и емотивно прашање, за него може да се најде солуција. Во врска со тоа зошто Вашингтон притиска тоа да биде сега тој изјави:

„Ако не од друга причина, поради тоа што долго трае. Време е да се најде решение. Нема причина овие две земји со разумни, демократски избрани раководства да не можат да најдат разумно решение за проблемот. Знаеме дека е емотивно прашање, знаеме дека е тешко, но тие можат да најдат решение.“

Рече портпаролот на американскиот Стејт департмент Шон Мекормак на прес конференцијата во Вашингтон.
XS
SM
MD
LG