Достапни линкови

Немањето стратегија го отежнува извозот посебно во сточарството и аграрот


Веќе познатата неорганизираност и немањето стратегија и годинава ги спречија македонските компании да го искористат моментот на зголемен извоз пред велигденскиот празник кој токму оваа недела го прославуваат католичките христијански верници. Главниот продукт на велигиденската трпеза – јагнето, наместо на светските пазари остана во Македонија, поради несериозноста што во преговорите за утврдување на цената за извоз на јагнешкото месо ја покажаа сточарите. Изгубени се огромни средства, вели стопанственикот Русе Стефановски:

„Петина извозници сме на месо, во главно во Италија. Денеска еден производител го нуди месото за 150 денари, друг 155 денари, со тоа што сточарите мислеа дека месото ќе достигне цена и до 200 денари и чекаа кланиците да им ја кренат цената. Но, италијанските увозници ,,излегоа попаметни од нас“ и го прекинаа извозот, поради што голем дел од месото остана во Македонија.“

Стефановски додава дека исто така една од причините што се губи огромен светски пазар за извоз е и во неедуцираноста на домашните производители:

„Всушност најголемиот проблем е во тоа што треба на време да бидат информирани, дека католичкиот Велигден е на 23 март за да се подготват однапред.“

Посочува Стефановски додавајќи дека поради тоа месото ќе се нуди на домашниот пазар, а македонските граѓани ќе можат да си дозволат да го купуваат поевтино. Хаотичноста во работењето на македонските производители карактеристика и за земјоделието. Годинава одредени земјоделски производи доживеаа успех во пласманот на меѓународниот пазар посебно во пресрет на празничните денови, сепак генерално ситуацијата сеуште е лоша, вели земјоделецот Драги Мицковски:

„Сеуште има диви откпувачи кои што не плааќат ништо во државата, а купуваат. И едноставно си подигруваат со земјоделците.“

Иако најголемиот дел од домашните производители и компании генерално тешко го освојуваат светскиот пазар, дури и во моменти како велигденските празници кога побарувачката, а поради тоа и извозот бележи раст, одредни фирми од земјава успеваат да ги пласираат свoите производи. Пресудна е организираноста, вели Савка Димитрова директорката на фабриката за чоколади „Европа“:

„Ние имаме календар на празници, православни, католички и муслимански и за сите се подготвуваме благовремено. Да речеме првите години беше интересно поради тоа што се случува нешто ново, доаѓа празникот и се забележува зголемување на продажба во тој дел, додека сега веќе ни е вообичаена пракса, влезена во плански активности.“

Забележува Димитрова.
XS
SM
MD
LG