Достапни линкови

Партиските интереси да се стават настрана, порака од амбасадата на САД


Преговорите за името и предлозите што на последната средба во Виена ги достави преговарачот Метју Нимиц за изнаоѓање на решение за спорот, а кои како што се јавува ги содржат придавките Горна, Нова и Република Македонија (Скопје), тема на интензивните консултации на државниот врв. На редовна средба за името се сретнаа претседателот Бранко Црвенковски и премиерот Никола Груевски на која присуствуваа и министерот за надворешни работи Антонио Милошоски и преговарачот Никола Димитров. Претходно во владата премиерот Груевски поединечно се сретна со лидерите на најголемите политичките партии, СДСМ, ДУИ и ДПА за да ги информира за преговорите од Виена. Прв на разговори со премиерот беше лидерот на ДПА Мендух Тачи кој по средбата истакна.

„Тие се стари предлози кои се одбиени неколку пати од страна на Македонија, но сепак се надевам дека сите страни ќе работиме во овој процес за добар крај. Се надевам дека ќе имаме добар крај, а допрва следуваат силни преговори.“

Откако владини претставници информираа дека ниту еден од трите предлози на Нимиц не претставуваат разумен предлог, бидејќи и претходно биле одбивани, лидерот на СДСМ Радмила Шеќеринска по средбата со Груевски изјави:

„Очекувам дека до понеделник ќе имаме лидерска средба на која што ќе кажеме и наши позиции на која што можеби и владата ќе излезе со формален став. Бидејќи колку што знам МНР брифираше за став, меѓутоа јас не чув дека таков став постои во Владата.“

Рече Шеќеринска. А со изрази на оптимизам и притоа со најава за конструктивност, претседателот на ДУИ Али Ахмети:

„Со г-динот Груевски имавме информативна средба. Јас мислам дека до самитот во Букурешт ќе се најде заедничко решение и ние ќе добиеме покана за НАТО.“

Рече Ахмети. Консултациите со партиските лидери освен со премиерот Груевски во владата се одвиваа и во американската амбасада. Амбасадорката Џилијан Миловановиќ преку соопштение до јавноста информирајќи за неодамнешните среби со американски функционери во Вашингтон ја повторува подршката од Соединетите дражави за македонското членство во НАТО. Таа ги повикува македонските лидери да поддржат брзо изнаоѓање на взаемно прифатливо решение за името. Сега не е време за политички игри. Сега е време партиските интереси да се стават настрана и сите партии активно и заедно да работат на постигнување национално единство, со цел да се дојде до успешен резултат, порача преку соопштение Миловановиќ.
XS
SM
MD
LG