Достапни линкови

Македонија, од воена гледна точка, прилично напредна и мислам дека ги исполнува НАТО стандардите


Македонија, од воена гледна точка, прилично напредна и мислам дека ги исполнува НАТО стандардите. Ова во интервју за Радио Слободна Европа го оценува командантот на Алијансата за Европа, американскиот генерал Бенц Кредок, прецизирајќи дека проблемот со името не е во негов домен. Генерал Кредок додава дека трите земји од Јадранската група многу работеле за да дојдат до оваа позиција.

Пред самитот на НАТО во Букурешт, командантот на Алијансата за Европа, американскиот генерал Бентз Кредок во интервју за Радио Слободна Европа оцени дека Македонија од воена перспектива ги исполнува НАТО условите. Запрашан конкретно за тоа дали Македонија ќе добие покана за членство на самиот во Букурешт тој вели:

„Мислам дека прашањето се врти околу предизвикот со Грција и договорот за името. Тоа е политички одвоено и јас не сакам да го коментирам, бидејќи не е во мој домен. Што се однесува до воената перспектива тие направија виден напредок и мислам дека ги исполнуваат НАТО стандардите. Ние ја гледаме како земја која придонесува за безбедноста, а не која ја загрозува.“

Изјави генерал Кредок, прецизирајќи дека Македонија учествува во мировните операции во светот.

„Како што реков, ако погледнете на нивниот придонес во НАТО мисијата во Авганистан тој е навистина значаен, дури го надминува учеството и на некои земји членки на НАТО. Гледаме многу напори и прогрес.“

Вели американскиот генерал Кредок, кој на прашањето кога другите држави од Балканот, секако освен Јадранската група, односно Србија, Босна и Херцеговина и Црна Гора, би можело да бидат дел од НАТО изјави:

„Не знам. Всушност тешко е да се каже. На пример од Јадранската тројка: Хрватска, Македонија и Албанија, кои денес се кандидати, две од нив влегоа во Акциониот план за членство во илјада деветстотини деведесет и деветата, а една година потоа и третата. Значи помина многу време. Не мислам дека ќе помогнам ако нивните изгледи ги ставам во некоја временска рамка.“

Основно, според генерал Кредок, е тие земји да ги исполнат условите и стандардите за членство. ,,Тоа може да се постигне преку интензивирање на дијалогот со нив и кога ќе дојде вистинското време и ако тие сакаат тогаш можат да се станат дел од Акциониот план за членство во НАТО,, вели Кредок кој запрашан за тоа дали сегашната антиевропска позиција на Србија негативно ќе се одрази и врз шансите на другите земји во регионот да влезат во евроатлантските структури вели:

„Не мислам дека тоа ќе биде регионална одлука. Сите тие одлуки ќе бидат донесени врз основа на националните напори. Затоа не би рекол дека станува збор за некаков регионален пристап.“

Изјави командантот на НАТО за Европа, американскиот генерал Бенц Кредок во интервјуто за Радио Слободна Европа.
XS
SM
MD
LG