Достапни линкови

Членките на НАТО сеуште треба да се договорат за клучните одлуки во Букурешт


Дваесет и шестте земји членки на НАТО се уште треба да се договорат за клучните одлуки за нивниот нареден самит во Букурешт. Ова го изјави генералниот секретар на Алијансата Јап де Хоп Схефер на брифингот во Брисел, прецизирајќи дека НАТО се уште дебатира дали да ги покани Македонија, Албанија и Хрватска да и се приклучат на Алијансата.

На нешто повеќе од две недели пред самитот во Букурешт, одлуките што би можело да ја изградат иднината на НАТО во наредните децении остануваат предмет на жестока дебата меѓу дваесет и шестте земји на Алијансата. Генералниот секретар Јап Де Хоп Схефер вели дека се уште не постои договор меѓу членките за тоа дали Македонија, Албанија и Хрватска на овој самит би требало да добијат покани за нивно приклучување во Алијансата.

„Можам само да кажам дека се надевам оти покани ќе бидат дадени, но не можам да бидат поконкретен, бидејќи ни шефовите на дипломатиите на НАТО не беа поконкретни кога се состанаа пред две недели во Брисел.“

Ова прашање се разгоре поради спорот со името меѓу Македонија и Грција. Атина се заканува дека ќе ја блокира одлуката за проширување на НАТО со Македонија доколку таа не го смени името. За колку чувствително прашање за Алијансата станува збор покажува и тоа што за време на брифингот генералниот секретар Јап Де Хоп Схефер во врска со македонско грчкиот спор претпазливо ги употребувал поимите Атина и Скопје. Доколку Грција стави вето на влезот на Македонија, како што се повеќе се чини, тогаш другите членки би можело да ја искористат можноста да го блокираат влегувањето на уште една земја или дури и на целата Јадранска група. Слично на тоа, како што изјави Схефер, се уште е невозможно да се предвиди исходот на дискусиите дали Украина и Грузија да бидат вклучени во Акционата програма за членство во НАТО. Тој вели дека НАТО ќе се води на два клучни принципа при донесувањето одлука за ова прашање. Прво, дека вратата за проширување на НАТО останува отворена и второ дека на ниту една земја членка која не е во НАТО нема да и биде дозволено да влијае на таквата одлука на Алијансата. Тоа особено важи за Русија за која ширењето на НАТО претставува анатема, посебно доколку во тоа се вклучени и поранешните советски републики. Токму страхувањето дека Москва на таквиот акт би гледала како на непријателски чекор многу членки на НАТО остануваат скептични во врска со натамошното проширување на Алијансата:

„Мора да признам дека не гледам никакви опасности од проширувањето. Последното, како што знаете, беше во две илјади и четврта. Мислам дека НАТО проширувањето всушност беше многу многу стабилизирачки фактор, како што впрочем е и проширувањето на Европската Унија.“

Оцени Схефер на брифингот посветен на следниот самит на Алијансата во Букурешт. Рускиот претседател на заминување Владимир Путин кој ја прифати поканата да учествува на самитот ќе има можност уште еднаш да ги каже неговите ставови во врска со ова прашање. Во меѓувреме, американската агенција Стратфор оценува дека Русија, по се изгледа, сфатила оти го загубила Балканот и му го препуштила на НАТО, односно не е заинтересирана за кандидатурите за членство на Македонија, Албанија и Хрватска, но дека Москва е подготвена да се бори за Украина и Грузија.
XS
SM
MD
LG