Достапни линкови

САД ја поддржуваат Македонија за членството во НАТО


Пораката дека Соединетите Држави ја поддржуваат Македонија за членството во НАТО, ја пренесе во рамки на неколкудневната посета на земјава делегација на американскиот Конгрес. Посетата на американските конгресмени кои воедно се членови на Комисијата за помош на демократии продолжува и денеска, со нивните претпладневни средби во владата со премиерот Никола Груевски, министерот за надворешни работи Антонио Милошоски и министерот за одбрана Лазар Еленовски. Македонија има силна позиција во пресрет на самитот во Букурешт за членство во НАТО, истакна вчера конгресменот Дејвид Прајс кој ја предводи делегацијата, и покрај проблемите што на домашната, но и на меѓународна сцена со проблемот со името, ги има Македонија:

„Ова е цел што САД ја поддржуваше уште од самиот почеток и високо ја цениме работата што ја презеде државата за да ги исполни условите поставени од НАТО за членство во Алијансата.Знаеме дека без разлика на сите конфликти кои што постојат меѓу партиите во парламентот, оваа цел има единствена поддршка од сите партии, затоа и позицијата на Македонија е силна во пресрет на самитот во Букурешт. Свесни сме за спорот со името со Грција и се надеваме дека тоа нема да биде пречка за членството во НАТО и дека ќе се постигне пријателско решение. Знаме дека во моментов се водат преговори затоа опстојуваме на поддршката за членство на Македонија во НАТО, бидејќи тоа не само што е важно за Македонија, туку и за стабилноста на целиот Балкан.“

рече конгресменот Прајс. Поддршката од Соединетите држави што директно при посета во Македонија ја истакнаа американските конгресмени, од Вашингтон ја повторија и четворица нивни колеги од Претставничкиот Дом кои со писмо упатено до останаите 435 конгресмени бараат поддршка за членството на Македонија во НАТО. Реформите, учеството во меѓународните мисии, улогата на земјава во текот на косовоската криза во 99-та година, се аргументите кои што во писмото ги посочуваат конгресмените Померој, Саудер, Паскарел и Милер. Во врска со спорот со името, тие предупредуваат дека не треба да се дозволи Резолуцијата 356 усвоена во Претставничкиот дом со референцата ПЈРМ, како и грчкото проблематично докажување на фактите за регионалните амбиции на Македонија, да ја оддалечат државата од членстово во НАТО.
XS
SM
MD
LG