Достапни линкови

Министрите од ДПА ќе го бојкоритаат Кабинетот на Груевски


Демократската Партија на Албанците испрати тешки обвинувања кон премиерот Никола Груевски по неговата ијава за новинската агенција МИА. Потпретседателот на Владата Имер Алиу, во името на сите функционери во Владата од ДПА најави бојкот на работата на Кабинетот на Груевски. Тој изјави дека партијата остро се спротиставува на ставовите на Груевски дека партијата на Тачи работи за туѓи интереси.

„Јас работам и за Грција затоа што сакам Македонија да стане членка на НАТО, работам и за Саркози, за германската канцеларка Меркел, Браун и Шефер, меѓутоа никогаш повеќе нема да работам за Никола Груевски. Нему му ги оставам Србија и Русија“,

изјави Имер Алиу на прес конференција. Тој посочи дека не може да се согласи со начинот на работа на премиерот и рече дека за него постојат три идеали - ДПА, народот и Македонија како членка на НАТО и ЕУ. Алиу посочи дека не говори ставови на лидерот Мендух Тачи, бидејќи тој се наоѓа во посета на Албанија, но дека веднаш ќе го извести за своите барања и дека владините функционери не учествуваа на денешната седница на Владата.

Премиерот Груевски пак не сакаше да одговори на обвинувањата на ДПА и истакна:

„Можеби ним им одговара да се занимаваат со мене, но мене не ми одговара да се занимавам сега со нивните обвинувања. Времето и историјата ќе покаже кој бил во право,“

Одговарајќи на новинарско прашање во врска со повикот за бојкот на државните институции од страна на министрите на ДПА.

„Ова што го прави ДПА за мене не е неочекуван потег. Година и пол бевме заедно, познавам многу нивни слаботи, пропусти и грешки, меѓутоа мене целта не ми е ДПА и сега да им одговорам и да ги понижувам. Јас во овој период сум концентриран исклучиво на државните интереси. Живееме во последните 15 дена до Самитот на НАТО, кога имаме некаква шанса да ја добиеме поканата за НАТО”,

истакна Груевски на маргините на Форумот „Земјоделието-пат за побрз развој на Македонија“, организиран од ВМРО-ДПМНЕ.
XS
SM
MD
LG