Достапни линкови

На каков и чекор да се одлучи Груевски, Македонија нема да биде без Влада, велат експертите


По синоќешната потврда на централното претседателство на ДПА на одлуката на нивниот лидер за излегување од владината коалиција, денеска од партијата велат дека нивните министри ќе продолжат да одат на работа, но ќе извршуваат само технички работи. До формализирање на нивните неотповикливи оставки во Собранието, токму на тема случувања во владината коалиција, премиерот Груевски за денеска доцна попладне закажа лидерска средба во Клубот на пратениците, но од партиите претпладнево изненадени, велат небиле информирани за средбата. Лидерката на СДСМ Радмила Шеќеринска е на пат во Брисел и не се знае дали ќе може да присуствува, а од ДУИ велат дека веројатно ќе учествуваат но со каков став ќе настапат ќе знаат по седницата на Централното партиско претседателство кое е закажано денеска во 15 часот. И од ДПА засега нема никакви информации. Спротивно од партиските претставници од Владата велат дека за лидерската средба, претседателите на партиите биле информирани уште во текот на вчерашниот ден. Инаку Груевски денеска пред лидерската средба ќе се сретне и со членовите на Коалицијата ,,За подобра Македонија“ а потоа заминува на средба со претседателот Бранко Црвенковски. За вечера е закажана и седница на Извршниот Комитет на ВМРО ДПМНЕ. Додека по оваа ново настаната владина криза, партиите интензивно се консултираат, експертите велат дека, фактички ние имаме Влада и тоа ќе биде така се до следниот чекор на Груевски. Одлуката е во негови раце, објаснува аналитичарот Јован Донев:

„Додека не се преземе следниот чекор, тој чекор е кај премиерот Груевски. Да видиме што ќе направи дали ќе го врати мандатот, дали ќе бара нови коалициони партнери бидејќи повеќе од една третина од министрите, ако не се лажам, заедно со НСДП се во оставка, најреално е да го врати мандатот и да бара реконструкција на цела влада.“

Како и да е, додава Донев, државата во ниту еден случај неможе да остане без Влада:

,,Која и опција да ја избере премиерот во овој момент, значи и да е реконструкција на владата и да е нов мандатар, да го врати мандатот, па да го добие повторно, тој си е премиер на владата на Македонија, додека не се избере нова влада, оваа влада си е влада на Македонија.“

Објаснува Донев.
XS
SM
MD
LG