Достапни линкови

Решение за спорот со името до Самитот на НАТО


Соединетите Држави уште еднаш побараа од Македонија и Грција да го решат спорот со името пред самитот на НАТО. На сослушувањето на Комитетот за надворешни односи на американскиот Сенат, посветено на иднината на Алијансата, помошник државниот секретар за европски прашања Даниел Фрид изјави дека Македонија, заедно со Хрватска и Албанија, би требало во Букурешт да биде поканета за членка на НАТО. Во меѓувреме, портпаролот на Стејт Департментот Шон Мекормак изјави дека немал информација оти американскиот амбасадор во НАТО ќе посредува меѓу Скопје и Атина.

Американската администрација силно ги поддржува кандидатурите на Македонија, Албанија и Хрватска за влез во НАТО, бидејќи тие покажаа јасна заложба да ги понесат одговорностите на членството во Алијансата, изјави помошник државниот секретар Даниел Фрид на сослушувањето во сенатскиот комитет за надворешни односи на тема: НАТО и ефектите од проширувањето. Тој притоа повтори дека Вашингтон побарал од Македонија и Грција да го искористат времето пред самитот на НАТО во Букурешт да дојдат до заедничко решение за името со што нема да се дозволи, како што рече, ова прашање да ја спречи поканата за членство на Македонија. Во врска со тоа дали такво решение и ќе биде постигнато пред Букурешт Фрид изјави: ,,Да бидам искрен не знам. Мислам дека македонците напорно размислуваат за изгледите на НАТО поканата и колку тоа ќе им помогне. И тие и грците имаат свое размилување кое претставува пречка, но ги охрабруваме да гледаат во иднината за доброто на сите во регионот,, изјави Фрид, кој на прашањето што ќе преземе Вашингтон ако поради заканата на Грција со вето ќе изостане поканата за Македонија рече: ,,Затоа јас во минатиот петок бев во Скопје,,. Притоа, како што додаде, ги охрабрил шефот на државата и премиерот да работат на решавање на спорот пред Букурешт и им ја истакнал добрата волја на Соединетите Држави да сторат се што можат за да помогнат. И претседателот на Комиетот за надворешни односи сенаторот Џозеф Бајден изјави дека силно побарал од Македонија и Грција да најдат разумен компромис за спорот со името кое се заканува да го спречи македонското членство во НАТО. Тој сепак и со мислење дека доколку Скопје и Атина не ќе го сторат тоа до следниот самит на Алијансата, таквиот неуспех не би требало да претставува казна за шансите на Хрватска и на Албанија. Во меѓувреме, портпаролот на Стејт Департментот Шон Мекормак на редовната прес конференција во врска со тоа дали американскиот амбасадор во НАТО ќе биде своевиден посредник меѓу двете страни за спорот со името изјави:

„Немам никакви информации за тоа. Ние го поддржуваме процесот во рамките на Обединетите нации предводен од амбасадорот Нимиц да се дојде до решение.“

Рече портапролот на Стејт Департментот Шон Мекормак. Инаку, иако дел од учесниците на седницата на сенатскиот комитет изразија сомневања во врска со тоа дали Македонија, Хрватска и Албанија се подготвени за влез во НАТО, сепак се согласиуваат дека нивното членство во Алијанста ќе продонесе за стабилноста во регионот.
XS
SM
MD
LG