Достапни линкови

Високата недоверба во правосудниот систем е реалност, согласна стручната јавност


Високата недоверба на граѓаните во правосудниот систем е реалност, се согласува стручната јавност по последните истражувања на меѓународната организација Галуп кои покажуваат оти дури 75 проценти од граѓаните во Македонија не им веруваат на судските органи. Обидите да се спроведат судски реформи во насока на усогласување на македонското со европското законодавство не се доволни за да се промени лошата слика за судството во земјава, вели претседателот на основниот суд во Кавадарци, Лазар Нанев.

„Главниот фактор за недовербата е поради тоа што сеуште не успеавме да ги трансформираме човечките ресурси коишто работат во правосудниот систем и сеуште неизградените авторитети кои треба да ја променат целата клима.“

Истражувањата покажуваат дека една од причините за големата недоверба е корупцијата во судските инстанци. Од македонската антикорупциска комисија потврдуваат дека има слабости во судскиот систем.

„Предвидовме мерки и препораки кои се потребни да се преземат со цел да се подобрат состојбите. Предвидени се обуки за стручно усовршување на вработените во судството, предвидено е да се воспостави ефикасен систем за распределба на предметите во судовите, во однос на роковите и санкции ако не се постапи по таквите рокови,“

вели Иљми Селами, член на Антикорупциската комисија

Реформите во законската регулатива се добри, но фактичката ситуација во судството е сериозна, посочува проф.Осман Кадриу од Факултетот за општествени науки.

„Ние сеуште немаме некои порадикални промени во состојбите во судството. А, проблемите се одолговлекување на постапките, квалитетно судење, како и прашањето на корупцијата, кое е присутно во судството.“

Лошата слика за судството во земјата може да се надмине и со промена на навиките на луѓето, велат претставниците на судската фела.
XS
SM
MD
LG