Достапни линкови

logo-print

Неизвесноста околу поканата за НАТО се одразува врз економската состојба, велат експертите


Овој период на целосна посветеност на проблемот со името со соседна Грција и неизвесноста поради тоа околу влезот на Македонија во НАТО, има влијание врз економијата во земјава. Постојаните информации на оваа тема и неизвесноста поради сеуште не донесената одлука на Алијансата за приемот на државава во НАТО, веќе го почувствува берзата каде е регистрирано намалено тргување со акциите. Директорот на македонска берза Иван Штериев изјавува:

„Има намалување на прометот. Бројките што се за јануари и февруари се остено намалени. Нормално е дека сето тоа се одразува, тоа се прогнозираше и претходно.“

вели Штериев. Периодов според економските експерти на еден начин влијае и врз потенцијалните инвеститори, при донесување на одлука за вложување во Македонија со оглед на тоа дека на влезот на државава во НАТО се гледа како пресуден момент за иднината на земјата, преку нејзина стабилизација. Професорот од Европскиот Универзитет Зоран Ивановски истакнува:

„Можам да кажам дека секако поканата за членство во НАТО ќе значи еден сигнал за странските инвеститори дека земјата се ослободува од еден од т.н. системски ризици, а тоа е политичката стабилност и безбедноста во државата и тоа секако позитвино би влијаело во привлекување на нови потенцијални инвестори и пред се на порастот на вредноста на целокупниот капитал во Македонија, пресликано или преку цените на акциите на берза или преку вредноста на недвижностите во државата.“

Додека двете држави го решаваат проблемот со името, македонските бизнисмени кои соработуваат со соседна Грција велат дека поради подгреаната атмосфера се внимава политиката да остане настрана:

„Овој проблем со името не ни е допирна точка, не го разговараме во тие кругови.“

Изјавува македонскиот бизнисмен Јован Дабевски. Експертската јавност укажува и дека во овој момент и покрај преокупираноста на државниот врв со овој проблем, економијата не треба да биде ставена во втор план. Мора да се работи континурино независно од решението за спрот со името и одлуката за членство во НАТО, со постојано подобрување на бизнис климата:

„Без оглед на тоа каков ќе биде исходот, државата мора да продолжи во насока на јакнење на законската регулатива и амбиентот во кој работат претприемачите, се со цел бизнисот да работи поефикасно и послободно.“

укажува професор Ивановски.
XS
SM
MD
LG