Достапни линкови

Изборите ќе решат дали Србија ќе тргне кон ЕУ или меѓународна изолација, оценка на аналитичарите


Српската влада во заминување се очекува денеска и официјално да предложи распуштање на параламентот и предвремени избори откако се распадна владејачката коалиција поради несогласувањата околу Косово и европската иднина на земјата. Претседателот Борис Тадиќ веќе соопшти дека е подготвен да распише предвремени избори, штом ја добие таквата одлука од владата. Изборите, кои најверојатно ќе се одржат на единаесетти мај, според аналитичарите, би требало да решат дали Србија ќе продолжи по патот што ја води кон членство во Европската Унија или повторно кон меѓународна изолација.

Во саботата премиерот на Србија Воислав Коштуница изјави дека владата повеќе нема единствена политика околу Косово и оти таква влада не може да функционира.

„Владата на Србија веќе нема единствена политика околу едно битно суштинско прашање што се однесува на иднината на земјата, односно конкретно Косово и Метохија во состав на Србија.“

Коштуница изјави дека повеќе не ја ужива довербата од партнерите од Демократската партија на претседателот Тадиќ, кои одбиваат да ја поврзат европската иднина на Србија со прашањето околу независноста на Косово. Претходно, министрите од Демократската партија и помалата Г седумнаесет плус ја отфрлија резолуцијата предложена од Српската радикална партија во која се бара од државите на Европската Унија кои ја признаа независноста на Косово, да ја поништат таквата одлука, пред Србија да ги обнови преговорите за поблиски врски со Унијата.

„Ако оние што ја водат државата денес мислат дека Србија може да ги реши проблемите со избори, тогаш и Српската радикална партија ќе учествува на нив. Можеше да биде сосема подобро и поинаку.“

Оценува Томислав Николиќ, заменикот на Воислав Шешељ на чело на радикалите, додавајќи дека новите избори ќе ги покажат вистинските односи во државата. Дека имало и подобри решенија сметаат и во Социјалистичката партија на Србија кои прецизираат дека требало да се формира влада на национално единство. Од Демократската партија и од Г седумнаесет плус потегот на Коштуница го оценуваат како демократски:

„Ние сметаме дека овој потег на Коптуница е чесен и демократски и единствено рационален во овој момент. Многу повеќе ќе загубавме да се мачевме во една влада која ја води Србија во изолација.“

Вели лидерот на Г седумнаесет плус Млаѓан Динкиќ. Најголемиот критичар на Коштуница и лидер на една од најмалите политички партии во парламентот Чедомир Јовановиќ очекува следните избори да го означат крајот на работата започната на петти октомври две илјадитата година, кога беше урнет режимот на Слободан Милошевиќ.

„Овие избори се можност за конечно раскинување со политиката која ги подели граѓаните, а земјата ја искара со скоро целиот свет.“

Вели Јовановиќ. Најавените избори ќе бидат четвртти парламентарни избори во изминативе осум години во Србија.
XS
SM
MD
LG