Достапни линкови

Љупчо Георгиевски, директор на државниот завод за геодетски работи. Лани во евиденцијата се внесени над 70 насто од недвижниот имот во Македонија


Господине Георгиевски, оваа институција се посочува како една од најкорумпираните, се преземаат проекти во оваа насока, кои се резултатите?

Јас би бил презадоволен ако Вашата констатација од почетокот беше дека се посочуваше како најкорумпирана, јас се надевам дека повеќе нема така да се посочува. Впрочем, сите активности кои се случуваат во оваа институција се да се смени имиџот на катастарот. Значи, од она што граѓаните имаат перцепција за нашата институција, дека сме најкорумпирана, бавна, спора, неефикасна, дека полека, но сигурно ќе ја смениме во една ефикасна институција, којашто ќе биде сервис за граѓаните и ќе ги нуди сите улсуги кои ги бараат и услуги кои ние ги нудиме. Значи, евиденција на сопствениот имот. Во тек се повеќе реформи, извештаите кои стигнуваат од мониторинг лицата, кои се ангажирани од Светската банка, бидејќи тука е проектот на Светската банка преку заем, и секако проектот кој сеуште е активен преку шведската влада.

Да се вратам на прашањето околу корупцијата, дали мониторинзите покажуваат резултати и на ова поле?

Па, вака, ако се види дека во последнава година, година и пол, немавме сериозна, мислам немавме никаква афера во однос на продажба на имот незаконски или некоја голема афера, мислам дека доволно говори дека во моментов во тој дел се амортизира.

Македонија сеуште ја нема евидентирано целокупната невижност на територијата на државата. Колку проценти се евидентирани до сега?

Два принципи се многу важни во кои се движат реформите. Едниот дел е евиденцијата на недвижниот имот, значи, она што е забелешка и зошто се случуваа овие реформи е тоа што не беше евидентиран целокупниот имот на територијата на Македонија, а со самото тоа и несигурноста на странските и домашните инвеститори, а секако и граѓаните околу сопствениот имот. Порано постоеја поседовни листови, каде што беше евидентирана катастарската парцела, и секако површината под објектот. Тие реформи се почнати од 89 – 90 година, каде што почна евидентирањето на целокупниот имот на државата. Тоа се одвиваше со некаква динамика и можам да кажам дека и заемот на Светската банка беше да се интензивира процесот и што поското да се знае кој имот на кого се води. За после тоа да може да се прават трансакции. Значи, тоа е база за сите натамошни активности. Ако во меѓувреме како показател видиме дека 89 – 90 изнесувал 46%, толку бил евидентиран целокупниот имот. Лани ја завршивме со 70,5%. Тоа беше позитивно оценето и од Европската Комисија и од Светската банка.

Но, граѓаните и понатаму се соочуваат со долги постапки при трансакција на имотот?

Станува збот, на пример, ако некој поднесе одреден предмет, трансакција, наследно решение или било што што треба да се спроведе кај нас, се чека со години и месеци. Тоа е без никакво оправдување. Ако исто така ги видиме просеците со години наназад, ќе видиме дека во просек секоја година завршуваме со 20,000 предмети нерешени. Прв пат годинава, 2007, од 19,980 нерешени предмети од 1 јануари па наваму почна перманентно да се намалува. Значи, тој број на предмети одеше во надолна линија и во моментов имаме 8,600 нерешени предмети, на целата територија на Македонија. За Скопје, каде што имавме најголем проблем и најголем број нерешени предмети, е шест илјади и нешто. Лани имавме нови барања од граѓаните, некаде околу 320,000 предмети. Прв пат да се симнеме на таква мала бројка која не треба да ни даде комодитет, туку треба да се симнеме на уште помала бројка, и ние работиме на тоа. Забележавме дека во последните два – три месеци имаме зголемување на барањата на граѓаните. Значи, ако во просек сме имале за цела Македонија 9 илјади предмети, сега се по 15 илјади предмети. Тоа говори дека граѓаните стануваат свесни дека треба да си го евидентираат својот имот, значи да имаат имотен лист, а не поседовен лист, и при тоа со овој процент се ствараат услови да се прават трансакции.

Каде го гледате решението, споменавте во првиот дел од одговорот, околу нерешените имотно правни односи кои години наназад се посочуваат како главен проблем што ги одвраќаат странските инвеститори од земјава?

Значи, ако се знае кој имот чив е, мора многу лесно тој да се трансформира, да се продава и да се расчистат недореченостите, таму каде што се јавуваат. Во периодот што измина отворивме посебна телефонска линија, која на домашните компании кои имаат предмети можат слободно да се јават, и може да кажат, дека некаде имаат поднесено предмет, за некоја трансакција, и тие компании имаат приоритет на решавање. До сега имавме доста јавувања од тие компании, се трудиме тоа да не е подолго од десет дена за тие да го добијат документот што го бараат.

Дава ли резултат реформата околу скратената постапка за добивање на имотен лист?

Во овој момент ние имаме закон од 2005 година, којшто беше реформски, во тој период, но се воспостави дека тој треба да биде менуван во однос на скратените постапки, и во однос на одговорноста и трансформација на Државниот завод за геодетски работи во Агенција за катастар. Тоа беше посочено и од Светска банка, ние законот го доставивме до истите, тие имаа најмено експерти од неколку земји коишто дадоа позитивно мислење по однос на тој закон, кој во моментов е во постапка и се надевам дека со донесувањето на тој закон ќе може да ги скратиме постапките.

Многу граѓани беа погодени од градежните афери, како да се избегне можноста за злоупотреба на имотот?

Е тоа е веќе што е предвидено во новиот закон, се воведува евиденција. Значи, до сега такво нешто немало. Со почнување на градбата секој инвеститор е должен да дојде кај нас во катастарот и со одобрението за градба да го евидентира, дека отпочнува со градба. При тоа, се евидентира секој купопродажен договор. Со тоа ќе се избегнат афери од типот продажба на ист простор на повеќе лица. Тоа се води во евидентниот лист, за после тоа кога ќе дојде да го извади имотниот лист треба да се поклопи едно со друго, значи веднаш ќе се знае и ќе се сигнализира ако се прави незаконско дејство.

И на крајот господине Георгиевски, кога конечно граѓаните можат да очекуваат брз и ефикасен катастар?

Очекувам реформите да завршат во 2009 година, и тогаш може да се очекува брз и експедитивен катастар, а првите подобрувања од чекорите кои ги имаме направено, се очекуваат од март натаму, за Скопје од јуни со нагли подобрувања.
XS
SM
MD
LG