Достапни линкови

Македонските стопанственици предупредуваат на уште еден бран поскапувања


Во услови кога цените на репроматеријалите на светските пазари достигнуваат двојно повисоки вредности од лани, некои од македонските производители велат дека само на краток рок тоа нема да ја зголеми цената на нивните производи. Засега зголемените трошоци за производство се обидуваме да ги амортизираме со нашата помала заработувачка, но тоа нема да трае долго, предупредува Никола Ветеџокоски, сопственик на претпријатие за производство на здрава храна.

„Ја следиме ситуацијата, добиваме цени навистина секојдневно повисоки. Се трудиме да тоа влијание го амортизираме на сметка на нашата профитабилност, но до кога ке успееме незнам.“

Според други пак, невозможно е цените на производите да останат исти кога цените на репроматеријалите се двојно повисоки од порано. Ристо Ташев, директор на една прехранбена индустрија вели дека дел од производите веќе поскапеле додавајќи дека граѓаните треба да се подготват да издражат уште еден бран поскапувања.

„Ако имавме 60 денари, учество на брашно во еден леб, сега тоа учество се качи на 11 денари повеќе. Значи, таа разлика, учество на брашното поради поскапувањето на пченицата нема со што да се покрие.“

Економските експерти велат дека еден од начините за намалување на влијанијата на ценовниот шок се државните субвенции:

„Државата ако сака на некој начин да ги дестимулира овие поскапувања, треба да субвенционира да ги исполни тие на некој друг начин, од други извори. Но, и тоа е тешко бидејќи тоа зависи од светските текови.“

Вели проф Петрит Положани, од Штуловиот универзитет.
Проф. Јован Пејковски пак вели дека ударот кој веќе го чувствуваат граѓаните на семејните буџети може да се ублажи преку зголемување на паричниот дел на нивните приходи. Според него најпогодени се сиромашните граѓани.

„Тука државата треба да ги согледа мехнаизмите преку она што значи социјална политика и сигурност преку пораст на паричните дотации посебно за оние граѓани кои што и сега се корисници на одредена социјална помош.“

Производителите велат дека високите цени се резултат на зголемените производствени и транспортни трошоци, бидејќи повеќето репроматеријали се обезбедуваат преку увоз.Тие се жалат дека не ги почувствувале ефектите од намалувањето на данокот на додадена вредност на земјоделските репроматеријали од 18 на 5 проценти, поради тоа што во меѓувреме цената на истите двојно се зголеми.
XS
SM
MD
LG