Достапни линкови

logo-print

Постигнувањето на широк консензус е најдобар начин за исполнување на европските цели, рече Рен


Во своето обраќање пред националниот совет за евроинтеграции еврокомесарот за проширување Оли Рен ги повтори веќе познатите препораки кои земјава мора да ги исполни за да добие датум за преговори до крајот на годината. Потребен ви е стратешки приод заснован на меѓупартиски консензус за важните прашања, рече Рен.

„Би сакал да ве охрабрам да ја сфатите работата многу сериозно. Во Унијата имаме многу добри примери на мали земји како што е вашата кои станале членки. Постигнувањето на широк и цврст општествен консензус е најдобриот начин за мала земја да ги исполни своите европските цели.“

Претседателката на Советот и лидерка на опозицискиот Социјалдемократскиот сојуз Радмила Шеќеринска рече дека условите кои ги донесе Рен се најдобриот пријател за македонското евроинтегрирање.

„Сега е моментот кога нашата држава, нашата политичка елита, нашите институции мора да тргнат напред.“

Освен исполнувањето на Охридскиот рамковен договор, на што укажа Азиз Положани од Демократската Унија за интеграција предуслов за политичка стабилност во земјата на патот кон Европската Унија, според Флора Кадриу од ДПА е целосносото исполнување на мајскиот договор.

„ДПА го подржува овој мајски договор и смета дека токму двете битни точки, кои што се круцијални за албанското население во Македонија, законот за употреба на јазиците и законот за борците, треба да се исполнат.“


Вашето доаѓање во Македонија раѓа нови очекувања, рече лидерот на Либералната партија Стојан Андов според кој во земјава постои тивок консензус во однос на важните прашања во земјава. Рен сепак предупреди дека е особено важно за земјава да има континуитет во спроведувањето на реформите, односно да прекине како што рече практиката на напредок па забавување. ЕУ е ваш партнер на патот кон евроинтеграциите, рече на крајот од своето обраќање Рен и уште еднаш повтори дека Унијата се залага да помогне во постигнувањето на евроаспирациите на земјите од Западен Балкан.
XS
SM
MD
LG