Достапни линкови

По вчерашниот состанок на Алијансата се интензивра притисокот врз двете земји за изнаоѓање решение


Заканата за грчко вето спрема Македонија се надвисна врз плановите за проширување на НАТО на Балканот. Тоа, како што јавуваат агенците и западните медиуми, придонесе вчерашниот министерски состанок на Алијансата во Брисел да заврши без конкретни заклучоци и одлуки во врска со кандидатурите на Македонија, Албанија и Хрватска. Од друга страна, тоа предизвика министрите да го интензивираат притисокот врз двете земји да работат на изнаоѓање решение за спорот со името пред идниот самит на НАТО во Букурешт.

Одлуките за проширувањето на НАТО со Македонија, Албанија и Хрватска ќе бидат донесени на самитот во Букурешт. Дотогаш, како што по вчерашниот состанок на министрите за надворешни работи на членките на НАТО во Брисел изјави американскиот државен секретар Кондолиза Рајс кандидатите мора да спринтираат до финишот. Генерална оценка, според неа, е дека трите земји направиле голем напредок. Но, Рајс, како што пишува Њујорк Тајмс, се нашла во средината на дебатата за тоа кои земји би требало да бидат примени во НАТО и кога. Грција се закани дека ќе го блокира членството на Македонија доколку не се најде заедничко прифатливо решение за името.

„Што се однесува до Македонија и името, Соединетите држави ги поддржуваат напорите на амбасадорот Нимиц. Тој ги продолжува неговите напори. Се надеваме дека Грција и Македонија ќе бидат во состојба да го прифатат патот што води напред, бидејќи ние сметаме дека Македонија е потенцијален кандидат.“

Американскиот државен секретар Кондолиза Рајс и на мислење дека ги исполнува критериумите за влез во НАТО:

„Мислам дека постои општо чувство, барем во Соединетите држави дека тие работат на тоа. Имаат уште нешто да сторат пред Букурешт и би требало да бидат примани во Алијансата. Се надевам и верувам дека ќе можеме, со добра волја, да го решиме ова прашање со името. “

вели Кондолиза Рајс. Во дипломатските кругови во Брисел, според Њујорк тајмс, има и такви кои сметаат дека во оваа битка меѓу НАТО сојузникот Грција и земјата која се уште не е членка најверојатно би загубила Македонија. Сепак, повеќето се на став дека исклучувањето на Македонија од НАТО би ја зголемила нестабилноста на Балканот, кој и онака е тензинчен откако Косово прогласи независност од Србија. Во тој контекст се наведуваат и последните изјави на релација Скопје и Приштина во врска со демаркацијата на границата и признавањето. Официјален Вашингтон изразува увереност дека тоа нема да предизика дополнителни проблеми:


„Во однос на евентуалните недоразбирања меѓу Косово и Македонија или кои било други земји ги охрабруваме да ги решаваат на мирен начин и со разговори. Сигурен сум дека во овој случај тоа така и ќе биде. Во врска со признавањето на Косово, тоа е одлука на секоја земја посебно иако секако ние би сакале тоа да го сторат сите. “

Изјави заменик портпаролот на американскиот Стејт Департмент Том Кејси.
XS
SM
MD
LG