Достапни линкови

logo-print

2008 година може да биде историска, но мора да се исполнат критериумите, рече Рен


2008 година навистина може да биде историска за земјава. Во изминатиот период покажавте значителен напредок, но подготвеноста за почеток на преговорите за членство може да се покаже само доколку ги исполните приоритетните критериуми до крајот на годината. Оваа е пораката што до јавноста ја упати еврокомесарот за проширување Оли Рен по средбата со премиерот Никола Груевски.

„ЕК е целосно посветена на европската перспектива на поранешна југословенска република Македонија со крајна цел членство во Унијата. Мило ми е што вие, владата и луѓето тука работите кон остварување на таа цел.“

рече Рен.
Според премиерот Никола Груевски најголемиот дел од осумте препораки на Унијата можат да се спроведат, но само доколку како што рече опозицијата биде поконструктивна и поефикасна.

„Очекувам дека македонската опозиција во тој правец ќе покаже конструктивност и ќе застане зад државата.“

Рен не даде прецизен одговор дали македонско-грчкиот спор за името ќе биде критериум за нашите евроатлански аспирации. Тој само го повтори ставот на Унијата дека ги охрабрува двете земји да бараат и да најдат заедничко прифатливо решение за проблемот:

„Јас сум прагматичен. За мене е важно прашањето да се реши. Сметам дека двете земји во еден конструктивен европски дух ќе најдат решение што ќе придонесе за за зајакнување на регионалната соработка и добрососедските односи.“

рече Рен.
За Груевски пак најважно е што дијалогот за решавање на ова прашање се интензивирал:

„Веруваме дека помина времето кога некои политичари веруваа дека со сила можат да ги решат работите. Проблемите се решаваат со разговор, со дијалог.“

Политичкиот дијалог, имплементацијата на законот за полиција, реформите во судството и државната администрација, борбата против корупцијата, намалувањето на невработеноста, се дел од препораките на кои земјава треба брзо да работи за да добие датум за преговори до крајот на годината. Европската комисија својата оценка за напредокот и препораката дали Македонија ќе добие датум ќе ја соопшти во својот есенски извештај.
XS
SM
MD
LG