Достапни линкови

Дојде време за одлука по напорната работа на трите земји, изјави Јап Де Хоп Схефер


Министрите за надворешни работи на земјите членки на НАТО, денеска во Брисел расправаат за тоа кои земји од кандидатите, Хрватска, Албанија и Македонија, ќе добијат покана за членство во Алијансата на наредниот самит во Букрешт. Трите земји работеа напорно да ги исполнат НАТО стандардите и сега дојде времето за одлука, изјави генералниот секретар Јап Де Хоп Схефер на отворањето на состанокот. Тој најави и дека ќе се расправа за стратегијата на НАТО за Западен Балкан, унапредувањето на односите со Грузија и Украина, како и за мисијата во Авганистан.

Денеска ќе имаме важна дискусија меѓу сојузниците за тоа како тие гледаат на процесот на проширување на НАТО, изјави на почетокот на состанокот, генералниот секретар Јап Де Хоп Схефер.

„Албанија, Хрватска и Поранешната Југословенска Република Македонија работеа напорно на остварување на акциониот план за членство. Досега секогаш велевме дека е рано да се зборува за персепективите за членство на овие три земји. Но, сега, самитот во Букурешт е блиску и дојде време за конкретна дискусија.“

Изјави Схефер, додавајки дека сите сојузници веруваат оти единствен начин да се обезбеди траен мир и стабилност на Западниот Балкан е негово интегрирање во евро-атланските интеграции. Германскиот министер за надворешни работи Франк Валтер Штајнмаер, пред состанокот изјави дека доколку нема договор меѓу Македонија и Грција за името, НАТО нема да може да донесе одлука за Македонија, иако Германија би сакала да бидат поканети сите три земји од Јадранската група. Американскиот државен секретар Кондолиза Рајс нагласи дека НАТО е организација која решава со консензус, а Соединетите Држави се на став дека земјите кои ги исполниле критериумите, треба да бидат примени. Дипломатски извори во Брисел истакнуваат дека доколку Грција го блокира приемот на Македонија, би можело да дојде и до одлагање на поканата за Албанија. Министрите денеска расправаат и за интензивирање на дијалогот со Грузија и Украина, за што, кај некои земји членки има резервираност, главно поради можното натамошно заострување на односите со Русија. На дневниот ред е и развојот на ситуацијата на Косово. Јап Де хоп Схефер изјави:

„НАТО е организација која нема овластувања да признава држави. Наша работа е безбедноста, а КФОР ќе продолжи да ги штити сите жители на Косово. Треба да бидеме охрабрени што немаше насилства по прогласувањето на косовската независност.“
XS
SM
MD
LG