Достапни линкови

Медијаторот не достави нов предлог за името, посочувајќи дека разликите сеуште остануваат


По неуспехот од разговорите што викендов се одржаа во Њујорк, медијаторот Метју Нимиц во Скопје без нов предлог за решение. По средбата со државниот врв во Скопје, Нимиц изјави:

„Јас им ги дадов моите видувања, каде сме по состаноците во Њујорк пред неколку дена и тие ми ја предочија позицијата на Владата во детали и има голем интерес за решавање на овој проблем, би рекол многу интензивен интерес, ги разгледавме сите опции.“

Сепак тој укажа и на забелешките што постојат кај Македонија и Грција на последниот негов предлог презентиран во Атина кон крајот на минатиот месец:

„Не дадов нов предлог, владата овде има сериозни прашања со мојот предлог од 19-ти февруари, би рекол дека исто така и другата страна има сериозни проблеми со тој предлог. Позицијата на владата е што земјата може да прифати, а што не. Работиме за да напредуваме. Сега имам подобро видување на некои аспекти на нивните позиции.“

На прашањето има ли простор за решение, Нимиц рече:

„Треба да има решение кога прашаувате дали има простор, знам дека претседателот, премиерот, министерот за надворешни работи, работат многу, размислуваат за сите опции и ова беше добра дискусија. Импресиониран сум со сериозноста со која се обидуваат да ги заштитат интересите на земјата, но исто така и да се остави ова прашање зад нас.“

Нимиц повтори и дека постојат различни видувања:

„Има разлики во двете позиции. Дали е поголема или помала не мерам. Тоа се две видувања што е најдобро да се реши проблемот. Двете земји имаат различно видување на историјата и односите, но двете земји сакаат да го затворат прашањето. Кога одам во Скопје или Атина, имам чувство дека луѓето велат, ова е прашањето што сакаме да го оставиме зад нас, но имам чувство дека позициите се различни.“

По средбата македонската страна не излезе со никакви информации за разговорите.
XS
SM
MD
LG