Достапни линкови

Изнаоѓање решение е од интерес не само за САД туку и за другите членки на НАТО


Соединетите Држави уште еднаш ги повикаа Македонија и Грција да продолжат да работат со медијаторот Метју Нимиц на заедничко прифатливо решение за спорот со името. Тоа, според заменик портпаролот на Стејт департментот Том Кејси, е од интерес не само за Соединетите држави, туку и за дугите членки на НАТО.

Заменик портпаролот на американскиот Стејт департмент Том Кејси на редовната прес конференција во Вашингтон, во врска со неуспехот на саботните разговори за името на Македонија во Њујорк ја повтори пораката до двете страни:

„Како што знаете, на состаноците што секретарот Рајс ги имаше со шефовите на дипломатиите на Македонија и на Грција таа силно ги охрабри да продолжат да работат со Нимиц за постигнување заеднички прифатлив договор под негово покровителство за прашањето со името. Тоа продолжува да биде наша позиција и ние секако се надеваме дека во блиска иднина ќе имаме успешно решение.“

Изјави заменик портапролот Том Кејси, додавајќи дека прашањето со името вообичаено е редовна тема на разговорите што официјален Вашингтон ги води со двете влади и оти Соединетите Држави ќе продолжат да ги охрабруваат да работат со Нимиц во изнаоѓање договор. Кејси без конкретен одговор за тоа дали на претстојниот министерски состанок на НАТО во Брисел американскиот државен секретар Кондолиза Рајс ќе има средба со претставници на Македонија и на Грција:

„Не сум сигурен дали таа планира индивидуално да се сретне со грчкиот или со македонскиот министер. Секако за ова прашање се заинтересирани не само Соединетите држави, туку и другите членки на НАТО. Грција е важен пријател и НАТО сојузник. Не би се изненадил прашањето да биде покренато за време на средбите во Брисел. “

рече заменик портпаролот на американскиот Стејт Департмент Том Кејси на редовната прес конференција во Вашингтон.
XS
SM
MD
LG