Достапни линкови

Новиот претседател најавува продолжување на политиката започната од Владимир Путин


На вчерашните претседателски избори во Русија победи Дмитриј Медведев. Според последните податоци на Централната изборна комисија, тој добил повеќе од пеесет и еден милион гласови, односно над седумдесет насто од оние што излегле на изборите. По изборната победа Медведев најави продолжување на политиката што ја започна Владимир Путин кого го посочи за нов премиер на Русија.

Претседателот на Централната изборна комисија Владимир Чурков на денешната прес конференција во Москва, соопштувајќи ги прелиминарните резултати од вчерашните претседателски избори во Русија изјави:

„Дмитри Анатолијевич Медведев доби пеесет и еден милион дветстотини триесет и осум илјади гласови, што е седумдесет запирка дваесет и три проценти од оние што излегоа на изборите.“

Нив ги имало сто и девет милиони, или скоро седумдесет насто од избирачкото тело. Овој резултат е објавен врз основа на деведесет и девет ипол проценти од пребројаните гласови. На второ место е лидерот на комунистите Генадиј Зјуганов, а на трето, ултарнационалистот Владимир Жириновски. Поради тоа што Медведев добил повеќе од пеесет насто од гласовите, втор круг на изборите не е потребен и тој на седми мај ќе биде инаугуриран за нов претседател на Русија. Тој синоќа уште еднаш потврди дека ќе ја продолжи политиката на претседателот Владимир Путин, вклучувајќи ја и одбраната на интересите на Русија на светската политичка сцена:

„Во периодот определен со законот јас би сакал да ги започнам подготовките за формирање нова влада. Во тоа ќе работам заедно со Путин кој ќе биде иден премиер.“

Изјави Медведев, додавајќи дека има целосна доверба во Путин и оти со нивната заедничка работа може да се постигнат добри резултати за Русија.

„Според постојната конструкција на власта претседателот има свои овластувања, а премиерот свои. А, во согласност со Уставот, шефот на државата ја одредува надворешната политика на Русија.“

Изјави Дмитриј Медведев кој претходно заедно со Владимир Путин се појави пред насобраните приврзаници во Москва:

„Оваа победа ќе гарантира дека успешниот курс што го одбравме и што го спроведуваме во последните осум години ќе продолжи.“

Изјави Путин. Вчерашните претседателски избори во Русија опозицијата ги оцени за фарса.
XS
SM
MD
LG