Достапни линкови

Сеуште нема одлука за тоа кои земји ќе добијат покана во НАТО, изјавија Буш и Схефер


Македонско грчките преговори за името со посредство на Метју Нимиц продолжуваат денеска во Њујорк и, како што јавуват медиумите за разлика од вчера, денеска се очекува медијаторот и двајцата преговарачи да седнат на заедничка маса. Во меѓувреме по синоќешната средба во Вашингтон американскиот претседател Џорџ Буш и генералниот секретар на НАТО Јап де Хоп Схефер изјавија дека проширувањето ќе биде на агендата на самитот во Букурешт, но дека се уште нема одлука за тоа кои земји ќе добијат покана.

По вчерашните одвоени средби со медијаторот на Обединетите Нации во македонско грчкиот спор за името Нимиц, преговарачите Никола Димитров и Адамантиос Василакис одбија да коментираат за спорот кој влегува во критична фаза на само еден месец пред самитот на НАТО поради најавеното грчко вето за поканата за Македонија. Неофицијално и двете страни настапиле со познатите позиции. Македонија, како што претходно се јавуваше во разговорите влезе со желба да се реши спорот, но и со јасен став дека ни по цена на влезот во НАТО нема дополнителни компромиси за името. Грчкиот преговарач пак останал на формулата дека Македонија ќе мора во меѓународна комуникација да добие ново име. За престојниот самит на НАТО и планираното проширување на Алијансата синоќа во Вашингтон разговараа и американскиот претседателот Џорџ Буш и генералниот секретар на НАТО Јап де Хоп Схефер, кој што во понеделник заминува и во Атина на средба со грчкиот премиер Караманлис. Еве што изјави американскиот претседател.

„Се надеваме дека државите кои аплицираа за НАТО ке продолжат да ги остваруваат нивните обврски согласно Акциониот план за членство. Ние го очекуваме прогресот што трите држави го направија пред да минеме на гласање за проширувањето.“

рече Буш. Трите апликанти се Македонија, Албанија и Хрватска, а дека ништо не е решено потврди и генералниот секретар на Алијансата Јап де Хоп Схефер.

„Државите на кои ова се однесува треба да продолжат со нивните реформи. Засега никој нема обезбеднео карта за влез, но проширувањето на Нато ќе биде на дневен ред на самиотот во Букурешт.“

Американскиот Стејт Департмент пред разговорите со охрабрувачка порака до грчката и македонската Влада да ги разгледаат, како што наведе портпаролот Том Кејси, поволните предлози на посредникот Нимиц, за да се дојде до заемно прифатливо решение во врска со спорот за името.
XS
SM
MD
LG