Достапни линкови

Џевад Адеми, член на Централниот одбор на ДУИ. Никола Груевски како да не сака Македонија да добие покана за во НАТО


Инсистирањето за компромис околу името од страна на меѓународниот фактор како да стана единствен критериум за наше членство во НАТО. Вие се вклучивте во разговорите на државниот врв околу градењето на единствениот заединчки став. Очекувате ли да се надмине овој проблем и да ја добиеме поканата за членство во НАТО?

Јавноста веќе знае за политичкиот или етничкиот консензус што се однесува до проблемот со името со Грција, меѓутоа треба да разјасниме дека името не е критериум за членство. Критериумите се поинакви и други. Името е проблем. Тоа е наш билатерален спор со Грција, проблем кој сме го знаеле и би требало да сме спремни за овој голем проблем кој ни се попречи на патот кон полноправното членство во НАТО. Се надевам, вистина е дека има уште малку време, но дека ќе успееме да изнајдеме компромис прифатлив за сите и за нас и за Грците како страна, која во моментов е во поволна ситуација, затоа што го има инструментот со кој може да не натера и на потешко решение, меѓутоа, треба сите да направиме се, овој проблем, овој услов, а не критериум, овој услов да не биде пречка, да не биде тоа што нас ќе ни ги затвори вратите за членство во НАТО Алијансата.

Во сенка на овие преговори како да паднаа условите, законот за јазиците и за борците на ОНА. Што се случува сега со нив и дали вистинската пречка за нивно реализирање е ДПА?

Преостанатите точки од Мајскиот договор меѓу Ахмети и Груевски. Тие се вистинските услови и критериуми за покана во Букурешт. Да, има проблеми во имплементацијата. Со самото тоа што тие доцнат. Сите се сеќаваме на изјавата на амбасадорката Викторија Њуланд која кажа дека до 15 февруари 2008 година овие проблеми, кои веќе станаа политички услови треба да се во собраниска процедура. Каде е проблемот? Проблемот е кај Никола Груевски. Проблемот е во тоа што ние се вклучивме во изнаоѓањето на решението со името, затоа што сакавме на државата да и створиме јаки преговарачки позиции. Замислете ситуација, ние внатре во државата да немаме консензус, ниту политички, како голема опозициска партија, ниту етнички, како најголема албанска партија. Ние уште еднаш го афирмиравме нашиот став дека го браниме уставното име, меѓутоа инсистираме да изнајдеме решение, овој проблем да не биде пречка. Проблемот е во тоа што Никола Груевски како да не сака Македонија да добие покана за во НАТО. И од овие позиции како свесно да ги избегнува условите, кои се реални и вистински, а тоа се законот за албанскиот јазик и решавањето на статусот на сите засегнати. Кога велам за сите засеганти од конфликтот во 2001, тука се семејствата на паднатите борци, инвалидите и цивилите. Груевски како однапред да има цврсти позиции, бидејќи ние нема да попуштиме за името, Македонија нема да добие покана за НАТО, зошто на Албанците да им удоволам и да ги решавам овие два важни фактори кои ќе влијаат во политичките збиднувања во иднина во Македонија. Тука и ДПА го има својот дел како партија, која претендира дека е од власта, затоа што тие многу лесно може да не доведат во позиција да ги поддржуваме или не. Тие имаат инструмент и до Собранието може да достават и закон за јазикот и закон за бившите припадници на ОНА и ние тоа сто пати го кажавме, да, повелете – направете го тоа и ние ќе ве поддржиме.

Дали според вас доколку Македонија не добие покана за членство во НАТО во Букурешт има можност за радикализација на албанските барања во Македонија како вовед во нова криза?

Не би сакал да помислам таква варијанта. Сеуште сакам и ние како партика правиме се тоа да не се случи. Дали ќе има радикализација на климата и политиката во Македонија, тоа никој не може да ви каже. Затоа што, наша платформа е, Македонија, држава на рамноправни граѓани, членка на НАТО и Македонија, да се надеваме, во 2008 да добие датум за преговори за членство во ЕУ. Не дај боже да ни се случи да не добиеме покана за НАТО заради спорот со Грците, тогаш Европа ќе ни биде уште подалеку. Затоа што во преговорите за Европа, нема да ги имаме Американците и Турците, кои се наши силни поддржувачи и лобисти за членство. Ние сторивме јавно мнение, веќе 18 години, дека наша иднина е НАТО и Европа и во клучниот момент кога треба тоа да ни се случи ние си тераме инает. И од нечиј инает, да ни се случи целосен распад на концептот и на перспективата, не знам дали има политичар, аналитичар и центар кој може да предвиди што се може да се случи во Македонија и во регионот.

Какво влијание според вас би имала евентуалната поделба на Косово врз Албанците кои живеат во Македонија?

Никаков ефект, затоа што до тоа нема да дојде, нема да се случи, нема поделба на Косово. Нема, затоа што влогот е многу голем и гаранциите се уште поголеми. КФОР, ЕУЛЕКС, УНМИК и НАТО, не се таму за да легализираат фактичка поделба. До поделба на Косово нема да дојде затоа што тоа е најлоша варијанта за целиот регион. Никој не може да даде гаранции дека тоа нема да има последици врз другите земји во регионот.

Што мислите зошто Македонија сеуште ја нема признато независноста на Косово?

Од неразбирливи причини. Од лошиот пристап и погрешниот приод. Македонија веќе доцни со признавањето, затоа што веќе не е интересно кој се ја признава државата Косово. Затоа што бројот на важни држави е многу голем. После признавањето од САД, Франција, Велика Британија, Италија, Германија, Турција, Албанија, веќе и не прашуваат дали Македонија ја признала Република Косово. Тоа треба да се направи што поскоро, затоа што наш интерес е да бидеме во таа група. Бидејќи, не само политички, безбедносно, и како перспектива економски, ние со Косово имаме енормен позитивен трговски биланс. Од друга страна, во Македонија третина од населението, имаат не само емоционални, национални, секакви врски со држава Косово. Кој е тој државен врв кој нема да води сметка за чувствата на една третина на сопственото население.

Господине Адеми, зошто барате амнестија за четирите случаи коишто од Хаг се вратија во Македонија?

Не слушнав дека некој од нас барал амнестија. Тие случаи се амнестирани, затоа што законот за амнестија е многу јасен, сите дела кои не се под јурисдикција на Хашкиот трибунал ги опфаќа законот за амнестија. Што сега ни се случува? Јасно е дека Хашкиот трибунал, односно Карла дел Понте не поведе постапка за овие случаи што автоматски подразбира дека не спаѓаат под таа категорија. Ние во 2001 имавме две завојувани страни, овие случаи се досиеја, комплетирани од една завојувана страна, од МВР и обвинителството. Во најмала рака, се еднострани, тенденциозни, така што најлошото нешто што може да се случи, по така, наш балкански менталитет во овој момент на Македонија е отворање на веќе зацементираното.

Добро, но секој ден на телевизија, граѓаните ги гледаат снимките на малтретираните работници од ГП Маврово. Тоа се цивили, сметате дека никој не треба да понесе одговорност за таквите работи?

За време не војна не се води љубов. Не амнестирам малтретирање на цивили, меѓутоа, ако една рана се затвора, ако една страница болна, можеби трагична, се затвора, кој е ќарот, која е користа за државата, за климата внатре, за односите, помеѓу вчера завојуваните страни, денеска да ги отвораме тие рани, кои да, се за осуда, меѓутоа никогаш со ништо да не споменеш факт дека имаш шест исчезнати Албанци, дека имаш убиени деца од три месеци до седум години, дека имаш неселективно гранатирање на село и убиени цивили, дека имаш ликвидирани пред очите на светската јавност и камерите татко и син, каде не води тоа? Некој намерно сака да ги крене тензиите? Да не врати во 2001? Не, тоа никому не му треба, тоа не треба и нема да се случи.

Значи вие сте сигурни дека нема да се отвораат овие Хашки предмети?

Не верувам дека има такви луѓе во Македонија кои сакаат свесно да работат во корист на сопствената штета.
XS
SM
MD
LG