Достапни линкови

Зголемувањето на девизните резерви е позитивно, загрижуваат трговскиот дефицит и инфлацијата


Поголемиот прилив на девизни резерви во државната каса се позитивен знак за стабилноста на девизниот курс и на македонската економија, оценуваат економските експерти, по најновите податоци на Народна банка дека бруто-девизните резерви изнесуваат повеќе од една милијарда и петстотини милиони евра.

За тоа какви ефекти предизвикува вишокот на девизни резерви, проф. Абдулменаф Беџети од Штуловиот универзитет вели:

„Секој еден инвеститор во Македонија од тој аспект е во позитивна состојба затоа што земјата добива кредибилитет.“

И проф. Душан Вељковиќ се согласува дека ова е досега најголемото ниво на девизни резерви во државата. Токму тие резерви се користат за покривање на надворешно-трговскиот дефицит, но проблемот се јавува кога дефицитот е
поголем од висината на резервите, посочува Вељковиќ.

„Дефицитот во надворешно трговската размена, за жал во 2007 година изнесува околу две милијарди долари, што е апсолутен рекорд, исто така како и резервите.“

Од министерството за финансии велат дека девизните резерви ќе бидат користени за одржување на курсот на денарот.

„Ако е просечната 61,5 денари за едно евро, така ќе биде и на 31.12 итн. Значи, тие девизни резерви пред се ќе се користат за одржување на стабилноста,“

изјави Мартин Мартиновски, портпарол на министерството за финансии
Еден од начините да се искористат девизните резерви е и во случај на инфлација. Експертите предупредуваат дека тогаш државата може да интервенира за да ја одржи стабилноста на девизниот курс, иако според некои од нив тоа не е економски препорачливо.

„Паралелно со позитивна оценка на нивото на девизни резерви треба да се има предвид дека имаме негативна појава, на значителен пораст на цените на мало, односно инфлација која се доближува до девет насто за еден месец.“
„Може да се интервенира на краток рок, и покрај тоа што не е економски препорачливо, затоа што тогаш испаѓа дека вештачки го држиме курсот,“


изјавија Вељковиќ и Беџети

Висината на девизните резерви се определува според посебни критериуми на Светската банка. Според нив за државата да има оптимален кредибилитет треба да има онолку девизни резерви колку што се потребни за финансирање на тромесечниот увоз на потреби.
XS
SM
MD
LG