Достапни линкови

Се надеваме дека двете страни ќе најдат заедничко прифатливо решение


,,Се надеваме дека двете страни ќе најдат заедничко прифатливо решение,“ изјави вчера помошникот американски државен секретар Николас Бернс во пресрет на денешното продолжување на македонско грчките разговори за името. Тоа, според официјален Вашингтон, е од голема важност и за двете земји.

Оваа порака на Стејт департментот им била пренесена на министрите за надворешни работи на Македонија и на Грција на нивните неодамнешни разговори во Вашингтон со американскиот државен секретар Кондолиза Рајс, повтори и заменик портпаролот на Стејт департментот Том Кејси на синоќешниот редовен брифинг на прашањето дали во изминативе денови имало дополнителни контакти со Атина и Скопје:

„Пораката останува она што секретарот Рајс им го кажа на овие функционери. Не сум информиран за некакви нови посебни контакти на високо ниво во врска со ова прашање.“

Изјави Кејси, повторувајќи ја поддршката на Вашингтон за посредничките напори на медијаторот на Обединетите нации Метју Нимиц за решавање на овој спор. Претходно, американскиот помошник државен секретар Николас Бернс изрази надеж дека Нимиц, како што рече, ќе биде успешен во постигнувањето договор што ќе биде прифатлив и за Грција и за Македонија.,,Тоа е важно прашање, бидејќи го имаме НАТО самитот во првата недела од април во Букурешт каде што ова прашање или најмалку прашањето на македонската кандидатура да стане членка на НАТО ќе биде на маса. Затоа се надеваме дека би можело да биде постигнат договор пред овој самит,, изјави Бернс кој избегна да каже како ја проценува најавата на Грција да стави вето. ,,Мислам дека не би било од помош да коментирам и да и давам јавен совет на грчката влада. Повеќе би сакал да го нагласам она позитивното, а тоа е дека искусниот медијатор Нимиц изнесе неколку идеи пред двете влади. Се надеваме дека една од нив е прифатлива и за двете. Во тој случај ние ќе имаме договор,, оценува Николас Бернс, додавајќи дека со тоа ќе се избегне сценариото за вето. И заменик портпаролот на Стејт Департментот Том Кејси отфрли да коментира за можниот исход од самитот на НАТО во Букурешт во врска со поканата на Македонија.

„Во врска со самитот на НАТО и одлуките што би можело да бидат донесени таму, треба да почекаме па да видиме што ќе се случи. Секраторот Рајс ќе учествува на министерскиот состанок што всушност ќе биде увод за самитот. Ќе има дискусија за разни прашања, меѓу нив и за можностите за проширување на НАТО. Мислам дека ние сме сосема блиску до одлука за ова прашање.“

изјави Кејси. Како што е најавено, генералниот секретар на НАТО Јап де Хоп Схефер од денеска е во Вашингтон на разговори за агендата за претстојниот самит, а в понеделник ќе престојува во Атина на средби со грчкиот државен врв за спорот со името.
XS
SM
MD
LG