Достапни линкови

Граѓаните повеќе од порано купуваат автомобили со бензински мотори


Цените на Дизел горивата и на бензинот секојдневно се зголемуваат и веќе разликата помеѓу нив речиси е незначителна. Според анкетираните возачи при купување на нов или половен автомобил тие би се одлучиле да купат кола која користи дизел мотор бидејќи како што велат тие колите кои користат дизел гориво имаат помала потрошувачка и цената на горивото иако за малку сепак е пониска.

„Само дизел, затоа што помалку троши и поефтин е.“
„Сега како што е бензинот и нафтата скап, би одбрал да купам на нафта, затоа што колите не трошат толку на нафта.“
„Попрво дизел, има помалку загадување ако е квалитетниот дизел.“


Во последниве две години трендот на купување на возила со бензиски мотори е во пораст вели Снежана Арсова преставник на една фирма за автомобили. Причината според неа е изедначената цена на дизелот и бензинот.

„До пред некоја година идентична беше бројката некаде половина – половина бензин и дизел мотори, но сега се повеќе се купувата бензински мотори. Скоро се изедначени цените на безоловниот бензин и дизелот и тоа е причината,“

Вели Арсова и додава дека секојдневното покачување на горивата не влијае врз продажбата на автомобили:

„Не мислам дека тоа е значаен фактор за да ја дефинира продажбата на возила.“

Од фирмите за продажба на половни автомобили пак велат дека оние кои сакаат да купат поголем автомобил се одлучуваат тој да биде со дизел мотор.

„Сега мало возило кога земаат, тие претежно и се бензинчиња. Тогаш и не гледаат толку затоа што тоа е второ, трето возило, не се вози многу и не е битна потрошувачката, битно е да може да го паркира, да заврши работа за дете,“

објаснува Роберт Костадиновски продавач на половни возила.

Имено по последното поскапување на горивата,цената на бензинот кај нас се движи од 66,50 до 67,50 денари за литар додека цената на дизелот е за 6 денари пониска. Во меѓувреме поради слабиот долар, цената на суровата нафта на светските берзи достигна рекордна вредност од речиси 101 долар за барел.
XS
SM
MD
LG