Достапни линкови

Предизвик за ватерполистите покрај лошите услови - најголемиот успех на тимскиот спорт во Македонија


Месец и половина по пласманот на Европското ватерполо првенство, спортот кој до пред 11 месеци кај нас практично не постоеше е пред нов историски предизвик. Од 2. до 9 март во Орадеа (Романија), националниот ватерполо тим ќе биде дел од квалификациите за Олимписките игри и ќе се обиде да стане првата македонска репрезентација учесник на најголемиот светски спортски настан. Подвиг за кој во конкуренција на 12 селекции треба да стигнеме до полуфиналето, за што покрај победа во 1/4 финалето потребно е минимум трето место во групата со Италија, Германија, Канада, Мексико и Иран.
Ни малку лесна задача, особено кога се знае дека скратените подготовки во Бечеј ги одработуваме без пет играчи кои ќе се приклучат во Романија. Проблем поради кој отпаднаа тренинзите во Скопје и тест дуелите во Словачка. Сериозен хендикеп кој не дозволува голем оптимизам, но...

„Играчите сигурно нема да дозволат да ги победи некој кој не е достоен за тоа. Особено што веќе покажавме дека сме дел од европскиот крем. Имајки го тоа предвид, има надеж дека можеме да бидеме дел од битката за четирите олимписки визи. Но, тоа за мене не е најзначајно, туку да се прикажеме во светло издание и да докажеме дека македонското ватерполо има светла иднина.“

изјави селекторот Александар Крстоношиќ, за кого турнирот во Орадеа пред се е можност за воигрување на тимот кој благодарение на натурализираните Срби, Хрвати и Црногорци од дното на Б дивизијата стигна до ЕП. Успех кој ги зголеми апетитите во земјава. Нешто од што не бегаат во репрезентацијата и покрај незадоволството од немањето поддршка од надлежните институции.

„Најголем настан спортски во историјата на македонскиот колективен спорт, меѓутоа еве, нема средства, нема заинтересираност од Олимпискиот комитет, државата не знам што да кажам. Постои шанса да стигнеме до тој натпревар што води до ОИ, баражот, со победа над Канада во групата сме трети, па што ќе биде – ќе биде,“

вели капитенот Сашо Поповски, единствениот роден Македонец во државниот тим. Факт кој не го намалува интересот и поддршката на љубителите на спортот и покрај нивните различни очекувања:

„Мислам дека може да успееме.“
„Знам дека ќе биде тешко, но и да не влезат нема да биде катастрофа.“
„Нема многу шанси покрај тие репрезентации. Јас сакам, ама тоа што сакам и тоа што ќе се случи е различно.“
„Нека им е со среќа, што ќе постигнат – тоа.“
XS
SM
MD
LG