Достапни линкови

Таки Фити, професор на економскиот факултет и поранешен министер за финансии. Преоптимистички се владините проекции стапката на вработување да се зголеми за четири насто


Академик Фити, зошто и по толку години транзиција и рефори, во македонското општество е поголем бројот на губитници, да ги наречеме така, ако го земете бројот на невработени, ако ја земете судбината на стечајците, отколку оние кои видоа некаква корист од транзициониот процес?

Мислам дека генерално гледано има две групи причини зошто се такви состојбите, прилично комплексни и сеуште тешки. Првата е од објективен карактер – Република Македонија е мала земја, која заради коинциденција на бројни услови на коишто таа не можеше да влијае беше под силно дејство на неекономски фактори. Мислам тука пред се на ембаргата, па меѓународни тензии, па косовската криза, дури и некои внатрешен конфликт. Така што тоа сигурно остави сериозни последици врз динамиката и квалитетот на економскиот раст. Меѓутоа, има и други фактори кои придонесоа за бавната транзиција и коишто меѓу другото ја држат економската ситуација на прилично неповолно ниво. Тука пред се мислам на квалитетот и динамиката на структурните реформи. Политичкиот фактор, владите ги одлагаа тие реформи, особено на средината на мандатот. Ако помине првата и втората година, третата и четвртата не прават такви реформи бидејќи тие носат социјални тензии и тие се плашат да не ја изгубат власта. Мислам дека тука сите влади во Република Македонија не беа доволно решителни и на тој начин се одлагаа и кумулираа проблемите иако мислам дека во низа домени се постигнати значајни резултати. Но, ние сме и критични, понекогаш премногу критични, понекогаш ги потценуваме постигнатите резултати, па дури и глорифицираме одредени проблеми.

Во таа смисла професоре, верувате ли во проекциите на Владата за наредната година? Имаме влада која се приближува кон средината од својот мандат, проекциите се некаде 280 милиони евра странски инвестиции, за четири насто пораст на вработеноста, БДП од 3,5 до 4 проценти. Колку ви се чинат реални овие проекции?

Стапката на вработеност не може да се зголеми за четири насто ако имаме стапка на раст од четири насто. Нас ни треба стапка на раст најмалку шест насто, можеби и 6,5 за да дојдеме до четири насто. Тоа може да го потврдат елементарни економски пресметки. Но, сето тоа ќе зависи од многу други услови. Видете, владата се обиде нешто со инвестиционата клима, меѓутоа, пресудно сега ќе биде како ќе се одвиваат работите со Косово и дали ќе станеме членка на НАТО. Ако станеме членка на НАТО, ако не се влошат состојбите во доменот на енергетската криза, можеби и може да се остварат тие проекции, но јас не верувам во стапка на пораст на вработеноста од четири насто, тоа е преоптимистички за мене. Знаете, за да креирате нови работни места ви требаат три четири години тоа да се кумулира и да даде резултати.

Во проекциите што се однесуваат на странските инвестиции?

Велам, во голема мера ќе зависи од тоа дали земјата ќе биде примена во членство во НАТО. Веднаш сигурноста на инвеститорите ќе порасне ако тоа се случи. Ако тоа не се случи работите ќе одат во многу лоша насока, лично мислам.

Дали навистина се подобри бизнис климата во земјава ако земеме тоа што владата направи со низата мерки што ги презеде од нејзиното назначување?

Има елементи на подобрување на бизнис климата и во прв ред ги гледам во рамниот данок, мислам дека тоа ја релаксира ситуацијата и тоа носи ефекти за претпријатијата, барем од она што можам да видам од билансите на претпријатијата. Поголемите претпријатија имаат заштеда да речеме од 10 до 12 милиони денари на годишно ниво, тоа е добро, упростен е системот на пресметување на даноци итн. Понатаму имате подобрување во либерализацијата на пазарот, да речеме телекомуникациите, иако фиксната телефонија уште доцни. Тоа треба и натаму да продолжи. Меѓутоа, знаете јас секогаш укажувам на фактот дека составен дел на бизнис климата или на инвестиционата клима се и состојбите во политиката. Силни тензии меѓу политичките партии, меѓу двете носечки, СДСМ и ВМРО-ДПМЕ од една страна и меѓу двете големи албански партии не погодуваат на инвестиционата клима. Тоа ни ги дуплира напорите, трудот и значи некакво празно одење во парламентот каде што треба да ги донесете клучните закони.

Се враќаме на реалноста која ја живеат нашите граѓани. Деновие поскапувањето на основните намирници. Ме интересира, можеше ли некако да се заштитат граѓаните и нивниот и онака низок стандард?

Видете, постојат инфлаторни тенденции понагласени. Колку ќе завршиме генерално со стапката на инфлација ќе видиме. Таа може да остане ниска, бидејќи денеска современите влади, вклучувајќи ја тука и нашата имаат многу моќни инструменти за регулација на инфлацијата. Преку фискалната политика, монетарната, нивно фино координирање итн, и тоа знае Македонија умее да го направи. Тоа не е проблем. Меѓутоа, ако појде високо стапката на инфлација, трошоците за нејзино враќање на нормално ниво се приличо големи. Тоа претпоставува рестрикции и во буџетот и кај монетарната политика, а тоа ви го ограничува економскиот раст. Тоа се комплексни, сложени односи, мислам дека зад овие инфлаторни тенденции има две главни причини. Едната е буџетот е малку поголем. Добро се држи во смисла не на толкава екпанзивност, но не на претерана рестриктивност во монетарната политика. И тоа би било добро за земјата за покренување на економскиот раст и развој. Меѓутоа тоа концидира со нафтениот шок. Со оваа енергетска криза, а многу луѓе тоа го забораваат. Во таква ситуација, во секоја земја има нагласени стафорциони тенденции. Што значи тоа? Цената на нафтата расте, растат сите трошоци за производство. Комплементари се сите други енергенси, па растат нивните цени. Кога ќе порасне и парното и јагленот и дрвата, работниците ќе бараат зголемување на платите, значи инфлационата спирала полека се отвора, тоа врши притисок врз цените на финалните добра и услуги, врши инфлаторен притисок. Според тоа, оние тврдења на експертите, знаете не е страшно ако и приватниот сектор ги зголеми платите. Да, но се отвора инфлационата спирала. Не е страшно ако Македонија дојде до пет насто стапка на инфлација, но на шест – седум насто веќе станува страшно, затоа што Европа има три насто, а релевантно надворешно трговско подрачје и пазар за нас е главно европскиот пазар, ние после од седум ќе треба да паѓаме на три насто, тоа ќе бара трошоци и рестрикции кај буџетот, па она што сега си го пружил како експанзија ќе треба да го кратиш, ќе мора гувернерот да прави дополнителни рестрикции во централната банка и тоа ќе не чини многу. Владата направи некои мерки, нешто ќе ублажи, особено кога станува збор за лебот, млекото, млечните производи. Тие се значајни производи во потрошувачката кошничка и тие ако нивните цени останат исти или се намалат дополнително тоа значи дека ќе биде помал инфлаторниот притисок. Битно е да се бараат причините и корените. А, причините и корените меѓу другото се и со овој нафтен шок којшто се случува. Дополнително кај Македонија комплицира тоа што ние сме енергетски дефицитарни и регионот исто така. Знаете, што во една таква ситуација што понатаму може да се случува. Бидејќи растат трошоците на производство, се намалуваат профитите на фирмите. Тие не може да ги зголемат цените, бидејќи куповната моќ е слаба и ќе се случи намалување на производството, па тоа може на многу пониско ниво да ни ја спушти планираната стапка на економски раст и да ја зголеми невработеноста. Тоа е многу сериозна и комплексна ситуација, каде што Македонија многу сама не може да направи. Ние не можеме да влијаеме на цената на нафтата и енергенсите на светскиот пазар, освен дома да се преструктуираме, но тоа преструктуирање во смисла на потрошувачка, штедење на енергија не оди така едноставно. Треба страшно многу да се штеди, бидејќи Македонија е енергетски дефицитарна, а тоа прави стагфлација, тоа ќе го намали производството и ќе направи сериозни проблеми.
XS
SM
MD
LG